• недела, 22 декември 2024

На подрачјето на НП Шар Планина евидентирани 769 градби вон населени места, статусот дополнително ќе се проверува

На подрачјето на НП Шар Планина евидентирани 769 градби вон населени места, статусот дополнително ќе се проверува

Тетово, 5 мај 2023 (МИА) - Од Националниот парк Шар Планина информираат дека е завршена првата фаза за евидентирање на градбите надвор од населени места, а што се наоѓаат на територијата на паркот. Евидентирани се вкупно 769 градби од кои во рамки на општината Тетово има 462, Теарце 115, Боговиње 74, Врапчиште 61, Јегуновце 28, Гостивар 24 и уште пет на подрачјето на општината Маврово-Ростуше.

-За утврдување на статусот на градбите во следната фаза се планирани теренски проверки, планирано е да се разговара со секоја општина посебно, а дополнително Ј.У.Н.П.Шар Планина ќе ги извести сите релевантни институции за досегашната бројка. Потсетуваме, според планот за управување, изградба на нови туристички населби и викендички не се дозволени во зоната на строга заштита и активно управување додека воспоставување нови засолништа (од природни материјали) за традиционално пасење на добиток е дозволено во сите зони освен во зоната на строга заштита. Остануваме на заложбите за заштита на сите природни вредности на територија на НП Шар Планина и очекуваме поддршка од сите релевантни институции, информира Анела Ставревска Панајотова, раководител во Одделението за заштита на природата.

Според неа, за бесправните градби и узурпација на државен имот, во изминатите месеци, веќе се поднесени неколку прекршочни пријави и известувања до надлежните институции. ас/мд/

 фото: МИА архива

Остани поврзан