На листата на ЕУ на санкционирани за поддршка на ИД и Ал Каеда додаден уште еден субјект
- Советот за надворешни работи на ЕУ денеска донесе одлука на листата на поединци и субјекти кои подлежат на рестриктивни мерки поради поврзаност со терористичките групи Исламска држава (ИД) и Ал Каеда да биде додадена и Медиумската фондација „Ал Азаим“.

Брисел, 17 март 2025 (МИА) - Советот за надворешни работи на ЕУ денеска донесе одлука на листата на поединци и субјекти кои подлежат на рестриктивни мерки поради поврзаност со терористичките групи Исламска држава (ИД) и Ал Каеда да биде додадена и Медиумската фондација „Ал Азаим“.
Станува збор за медиумска филијала поврзана со Исламска држава во реонот на Централна Азија.
Со денешната одлука на листата на санкционирани поради поврзаност со ИД и Ал Каеда се наоѓаат 15 лица и седум групи или субјекти.
На санкционираните им е замрзнат имотот во ЕУ и на поединци и субјекти од Унијата им е забрането да им ставаат на располагање средства или економски ресурси. Дополнително, на поединците им е забранет влез во ЕУ.
- Денешната одлука ја потврдува решеноста на ЕУ во спротивставувањето на континуираната терористичка закана што ја претставуваат Ал Каеда, ИД и нивните регионални ограноци. ЕУ останува посветена на преземање решителна акција против оние кои продолжуваат да го загрозуваат меѓународниот мир и безбедност преку планирање, финансирање и извршување терористички напади и со ширење на нивната смртоносна терористичка пропаганда низ светот, соопшти Советот на ЕУ.
Режимот на санкции кон лица, групи, компании и други ентитети поврзани ИД и Ал Каеда е воспоставен во септември 2016 година. Тој последен пат беше продолжени лани во октомври и сега важи до 31 октомври 2025 година. сп/
Фото: МИА Архива