• вторник, 05 ноември 2024

На Клиниката за кардиологија изведени први процедури на аблација на преткоморна фибрилација

На Клиниката за кардиологија изведени први процедури на аблација на преткоморна фибрилација
Скопје, 12 октомври 2021 (МИА) - Министерството за здравство денеска соопшти дека во периодот од 7 до 8 октомври овој месец, на Универзитетската клиника за кардиологија, првпат во земјава со стопроцентна успешност беа направени процедури на радиофреквентна аблација на преткоморна фибрилација со помош на 3Д мапинг систем од страна на експерти аритмолози-електрофизиолози. Медицинскиот термин преткоморната фибрилација (ПФ), всушност претставува аритмија која е најчеста во светски размери, со преваленца од два до четири отсто од вкупната популација. Истата е поврзана со зголемена смртност за 1,5-3,5 пати, зголемена појава на исхемичен мозочен удар за 20 до 30 проценти, зголемена појава на срцева слабост за 20 до 30 отсто, намален квалитет на живот кај повеќе од 60 отсто од пациентите, но и зголемување на хоспитализациите за 10 до 40 отсто кај пациентите кои живеат со преткоморна фибрилација, се наведува во соопштението на МЗ. Радиофреквентната аблација (РФ) на преткоморната фибрилација пак, претставува минимално инвазивна техника која се изведува во површна седација, преку пункција на десната феморална вена и понатаму транссептална пункција за премин од десната кон левата преткомора, каде со помош на 3Д мапинг систем се прави анатомска реконструкција на левата преткомора, од каде потекнува преткоморната фибрилација. Потоа, со помош на аблативен катетер се прави радиофреквентна изолација, со енергија од 50 вати, на отворите на четирите белодробни вени кои влегуваат во левата преткомора (Pulmonary vein isolation (PVI) with radiofrequency (RF) ablation). Оваа револуционерна техника, додава Министерството, овозможува ослободување од преткоморната фибрилација и намалување на компликациите со процент на непосредна успешност од 95 до 99 отсто. Кај повеќе од 80 отсто од пациентите, отсуството на преткоморна фибрилација се забележува и по период на следење од 12 месеци, што јасно укажува на високата успешност на техниката. нд/сп/

Остани поврзан