Најмалку 50 убиени во источниот дел на ДР Конго
- Обновеното насилство, пријавено од жителите на најголемиот град во регионот, Гома, и неговите околни области, контролирани од бунтовниците М23, беше најголемата закана за тековните мировни напори.

Гома, 13 април 2025 (МИА) - Најмалку 50 лица загинаа во нападите вчера и денеска во источниот дел на Демократска Република Конго, јавија американските медиуми, повикувајќи се на властите.
За нападите и убиствата владата и бунтовничката група М23, поддржана од Руанда, си упатија меѓусебни обвинувувања.
Обновеното насилство, пријавено од жителите на најголемиот град во регионот, Гома, и неговите околни области, контролирани од бунтовниците М23, беше најголемата закана за тековните мировни напори.
Жител на Гома раскажа како неговото четиричлено семејство ја поминало ноќта под нивниот кревет додека слушнале пукотници и експлозии на бомби.
-Видовме тела на војници, но не знаеме од која група беа, рече тој.
Деценискиот конфликт меѓу Демократска Република Конго и бунтовниците М23 ескалира во јануари кога бунтовниците го зазедоа стратешкиот источен град Гома, а потоа и градот Букаву во февруари.
Во овој конфликт досега загинаа околу 3.000 лица, а околу седум милиони се раселени, што ја продлабочува една од најтешките хуманитарни кризи во светот.
Меѓу петокот и саботата во Гома се убиени најмалку 52 лица , вклучително и еден маж застрелан во болницата во овој град, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи на ДР Конго, обвинувајќи ја за нападот токму милитантната бунтовничка група М23.
Портпаролот на М23 издаде соопштение во кое ги обвини силите на Конго и нивните сојузници за нападите. Тој рече дека заедничките операции на ДР Конго со локалните милиции и јужноафриканските трупи „директно ја загрозуваат стабилноста и безбедноста на цивилното население во регионот“.сд/
фото:МИА архива