• среда, 27 ноември 2024

Седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади

Седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за социјална политика, демографија и млади.

На дневен ред на седницата на Комисијата е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија во прво читање.

Како што се посочува на собраниската веб-страна, измените и дополнувањата на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија се резултат на потребата од усогласување на одредбите на овој закон со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/23) во делот на Глава 19 „Кривични дела против половата слобода и половиот морал“.

-Направени се и измени кои се резултат на практичната примена на Законот и на потребата од надминување на проблемите кои се појавија при неговата досегашна примена. Имено, со овие измени се одредуваат институциите кои се непосредно одговорни за примената на законот и постапките во делот на доставување на потребните податоци кои треба да бидат внесени во Регистарот кој го води ЈУ Завод за социјални дејности. Истовремено направено е и усогласување со одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121/24), се посочува во измените и дополнувањата на Законот. фф/аа/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан