• петок, 22 ноември 2024

Работилница за креативно пишување „Пиши - бриши“

Работилница за креативно пишување „Пиши - бриши“

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Во организација на КСП Центар - Јадро денеска и утре во Скопје ќе се одржи дводневна работилница за креативно пишување на македонски јазик„ПИШИ-БРИШИ“ наменета за млади на возраст од 15 до 18 години.

Целта на работилницата е учесниците да се впуштат во процесот на смислување, пишување и читање приказни, како и да го збогатат својот фонд на зборови и потечно да се изразуваат.

-Од почетокот на времето, приказните се сведоштва за она што било, тие се поуки за она што треба да биде и повторлив обид да се зграпчи и замрзне недофатноста на сегашниот момент. Раскажувањето и создавањето приказни е неразделив дел од човековата природа. Тоа ни помага да споделиме информација, да креираме емоционални врски и реченица по реченица да ѕирнеме во мистеријата на постоењето. Приказните го менуваат човекот, а луѓето, еден по еден, го менуваат светот…, наведуваат организаторите за работилницата.

Работниот процес е поделен на два дела, еден теоретски, со фокусот кон откривање на тајните на пишувачкиот занает низ читање во кој младите учесници ќе се запознаат со почетоците на книжевноста, магичната моќ на приказните и растегливоста на јазикот. Вториот дел од работилницата е практичен, а младите низ вежби за креативно пишување ќе имаат прилика да создадат и осмислат своја приказна, користејќи ги откриените алатки од првиот дел на работилницата.

Менторки кои ќе ја водат работилницата се Марија Бошковска и Ивана Смилевска.

Марија дипломирала на катедрата за Општа и Компаративна книжевност. При нејзината работа како наставничка има стекнато искуство со онлајн предавања, преку кои е запознаена со предизвиците на дигиталното образование. Преку работата во издаваштвото и водењето на платформата за култура „Пиреј“, таа е запознаена со новите книжевни текови, состојбата на книжевноста и културата на ова поднебје. Има пишувано книжевни и филмски критики, интервјуа, анализи на популарната култура, бајки, академски и фикционални текстови, секогаш социјално ангажирани.

Ивана исто така дипломирала на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Работи како новинарка, а пишува и проза. Во 2020 ја добива новинарската награда „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија која ја доделува ССНМ и Делегацијата на ЕУ. Во 2022 ја добива новинарската награда „Светилник на невидливите'' која ја доделува Македонската платформа против сиромаштија. Истата година ја добива втората награда за најдобар краток расказ која ја доделува весникот „Нова Македонија''. Заинтересирана е за жанровските вкрстувања, сатира, фикција и мемиња. Смета дека пристапот кон книжевноста треба да ја има предвид дигитализацијата и новите зборовни форми, а веќе долго време го анализира политичкото во културата и ангажираната уметност. Пишува новинарски текстови од областа на образованието, културата и младите. вг/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан