• петок, 22 ноември 2024

Промоција на книгата „Бубрег и бременост“ од Билјана Герасимовска

Промоција на книгата „Бубрег и бременост“ од Билјана Герасимовска

Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Стручната книга „Бубрег и бременост“ од проф. д-р Билјана Герасимовска ќе биде промовирана вечер со почеток во 19 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. 

Книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, се осврнува на дилемите при следење на бремените пациентки со хипертензија или со бубрежни заболувања. Станува збор за прва публикација на оваа тема на македонски јазик.

-Оваа книга содржи повеќе практични упатства кои се однесуваат на следење и третман кај жени кај кои бубрегот првпат е засегнат во текот на бременоста, како и кај жени кои веќе имаат бубрежно заболување. Затоа, ќе биде од корист за нефролози, гинеколози и интернисти, а можеби и за општи лекари кои водат бремени пациентки. Книгата се препорачува и за специјализантите, за време на нивното учење и практичната работа, како и на студентите на Медицинскиот факултет, доколку сакаат да научат повеќе и ако размислуваат за специјализација во сродни области. Бидејќи публикацијата содржи конкретно упатство за водењето одредена болест во текот на бременоста, можна е директна примена во работата на лекарите од сите споменати специјалности, велат од „Арс Ламина“.

Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Катица Зафировска и проф. д-р Ѓулшен Селим.

Билјана Герасимовска е родена во Скопје, во 1969 година. Медицинскиот факултет го завршува во 1994 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Вработена е на ЈЗУ Клиника за нефрологија од 1998 година. Автор е на книгата „Integrated prognostic model and prediction of risk for preeclampsia“ издадена од германската издавачка куќа „Scholar's Press“. Коавтор  е на книгата „Методологија на научноистражувачка работа“, како и неколку книги од областа на интерната медицина. Од 2022 година е редовен професор на Медицинскиот факултет во областите интерна медицина и нефрологија.ар/са/

Фото: Арс Ламина

Остани поврзан