• среда, 18 декември 2024

Почнува 14.Филозофски филмски фестивал

Почнува 14.Филозофски филмски фестивал

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) – Со проекција на шпанскиот филм „Затвори ги очите“ на режисерот Виктор Ерисе, вечер во 21 часот во Летното кино во Кинотеката ќе почне 14. Филозофски филмски фестивал (ФФФ) кој ќе трае до 13 јуни, во организација на Филозофското друштво на Македонија и во соработка со Филозофскиот факултет на УКИМ. 

Филмот е меѓу петте долгометражни во официјалната селекција кои и годинава ги селектираше проф. Кирил Трајчев. За наградата „Златен був“ ќе се натпреваруваат и романскиот филм „Не очекувај премногу од крајот на светот“ на Раду Жуде, „Во лушпата на златниот кожурец“ – дебитантски филм на виетнамскиот режисер Тјен Ан Фам, иранскиот филм „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами и филмот на грузиската режисерка Тинатин Кајришвили – „Граѓанинот светец“.

Како што беше соопштено на прес-конференција, во официјалната селекција на кратки филмови се 16 наслови од повеќе земји. Селектор е Дејан Здравков, а проекциите ќе бидат во два дена – на 9 и 10 јуни од 18 часот во Кинотеката. Имаат различни теми и се произведени во 2022 и 2023 година. Најголем дел од нив имале премиера на значајни филмски фестивали, како Кан и Венеција.

Филмовите од двете селекции (долгометражни и краткометражни) ќе се натпреваруваат за „Златен був“, која ќе биде доделена на 13 јуни, а покрај оваа награда ќе биде доделено и признанието „Стефан Сидовски-Сидо“.

За двете селекции ќе одлучува тричлено жири, во состав: Славица Србиновска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Иван Миленковиќ, филозоф од Србија, и македонскиот филмски и театарски режисер Јане Спасиќ.

Покрај главната програма со филмовите за награди, ќе има и ревијална и придружна, како и едукативната програма што беше организирана во пресрет на фестивалот.

Ревијалната програма ќе се реализира од 11 до 13 јуни во Кинотеката. Ќе бидат прикажани три филма придружени со предавања: „Убавината на порокот“ на режисерот Живко Николоќ од 1986, со предавање на српскиот филозоф Иван Миленковиќ, „И сепак Лоренс“ на режисерот Гзавие Долан од 2012, со предавање на проф. Слободанка Марковска од Филозофскиот факултет, и филмот „Златната треска“ на Чарли Чаплин од 1925, придружен со предавање на филозофот Стивен Фридман од „Харвард“. Во рамки на фестивалот, на 10 јуни на Филозофскиот факултет. професорот Миленковиќ ќе одржи предавање за Кант  - „Друштвена недруштвеност“. 

Во фокусот на придружната програма се шест завршени филмови на Маја Дерен, основоположничка на експерименталниот филм, вклучително и нејзиниот дебитантски „Мрежи на попладнето“ од 1943 година. Шесте филма, секој од по 15-ина минути, ќе бидат прикажани утре (сабота) на една проекција. Токму презимето на Маја Дерен, читано одназад, е директна референца за мотото на годинашното издание на фестивалот - „Неред меѓу редови“.

ФФФ во својата придружна програма вклучува и проекции на четири видеоесеи во селекција на Ивана Мирчевска. хс/бак/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан