• вторник, 24 декември 2024

Ново издание на студентските средби „Скомрахи“ во Скопје

Ново издание на студентските средби „Скомрахи“ во Скопје

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) – Со изведба на „Кралот Иби“ на Алфред Жари од студентите на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Драмски театар вечерва од 20 часот започнуваат студентските средби „Скомрахи“ што годинава се одржуваат под мотото „Дионизија сега“ од 1 до 5 ноември.

Како што соопштуваат од ФДУ, на студентските средби во Скопје ќе бидат обединети студентите од повеќе европски драмски и филмски академии. 

- Под мотото „Дионизија сега“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја престават од 1 до 5 ноември во повеќе простори во градот - Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот Театар, Младинскиот културен центар и Котур Кафе и Филм, стои во соопштението.

Публиката ќе има можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка, заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ.

Програмата на 32. издание на Скомрахи 2024 вклучува и изложба за ре-употреба на театарски „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, панел дискусија, разговори по претставите и музички настани.

Парлалено на програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективен перформанс кој ќе биде изведен на последниот ден од средбите, а во чие создавање, покрај студентите на ФДУ ќе учествуваат сите учесници на Скомрахи, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и Одделот за дизајн и инжинеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ- Скопје, студенти од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театрска педагогија на Академијата за уметност Фонтис од Тилбург, Холандија, како и неколку уметници од локалната дрег сцена.

Годинешните Скомрахи, целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување низ екстатичноста на Дионизиските церемонии. Иако припаѓаат на далечната историја Дионизиите сѐ повеќе стануваат потребни како одговор на затвореноста, исклучивоста и насилството на денешниот свет. Наспроти нив, студентите на Скомрахи повикуваат на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности. И на колективно ослободување преку свечено заедништво.ар/дма/
Фото: Скомрахи

 

 

Остани поврзан