• петок, 22 ноември 2024

Концерт на Квартет од Црна Гора во рамки на Есенските музички свечености

Концерт на Квартет од Црна Гора во рамки на Есенските музички свечености

Скопје, 18 ноември 2023 (МИА) - Квартетот од Црна Гора што го сочинуваат Тања Богдановиќ на виолина, Сара Вујошевиќ Јовановиќ – сопран,  Дмитри Гринкин – баритон и Ања Абрамовиќ Вујовиќ на пијано, вечер во 20:00 часот ќе одржат концерт во Музејот на македонската борба, во рамки на манифестацијата „Есенски музички свечености“ - 2023 година. Тие ќе изведат дела од опусот на рускиот компшозитор Сергеј Рахманинов, кој се смета за еден од последните големи претставници на романтизмот во руската класична музика.

Креативноста на Сергеј Рахмањинов претставува еден од најважните сегменти во светската музичка култура. Неговиот композиторски опус се смета за симбол на сè што е руско, а тој самиот статистички е најчесто изведуваниот руски композитор во светот. Рахманинов помина повеќе од 25 години надвор од Русија, во Западна Европа и Америка, прво патувајќи како космополит и виртуоз, а подоцна како емигрант. Неговите дела се автентичен и искрен документ на епохата во која живеел. Неверојатно чувство на припадност, искреност и чистота на чувствата направи генерации музичари повторно и повторно да се вратат на неговите дела.

-Оваа 2023 година е посебна за љубителите на делото на Сергеј Рахмањинов: се одбележува 150-та година од неговото раѓање. Решивме да се приклучиме на одбележувањето на тој датум и ви предлагаме вечер на вокално-инструментална музика од Сергеј Рахмањинов, каде ќе бидат изведени неговите најпознати романси и сцени од неговите најпознати опери „Франческа да Римини“ и „Алеко“, наведува организаторот на Есенските музички свечености, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Сара Вујошевиќ Јовановиќ, сопран, е родена на 5 декември 1986 година во Подгорица. Дипломирала академско-оперско пеење, во класата на оперска примадона Вера Ковач Виткаи, на Академијата за уметности во Нови Сад. Своите двегодишни магистерски студии по оперско пеење ги завршила во класата на солистот на Бољшој театарот Дмитриј Трапезников, на Државната академија Мајмонид, во Москва. Исто така, магистрирала и на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора, насока „Маркетинг и бизнис“. Докторирала на катедрата за музичка теорија, композиција и музикологија на третиот најстар државен конзерваториум во Русија „Л.В.Собинов“. Добитничка е на многу меѓународни награди и признанија. Долги години работи на Факултетот за драмски уметности - Универзитет во Црна Гора, каде од 2022 година е избрана на звањето доцент и предава група предмети Глас на додипломски и магистерски студии (студиска програма по актерска игра). како и предметите Музичка уметност I, Музичка уметност II, во основните студии - Драма и Театар студиска програма. Моментално ја покрива функцијата продекан за наука и меѓународна соработка.

Дмитриј Гриних, баритон, по потекло од Украина. Лауреат на меѓународни натпревари, дипломирал на Вокалниот факултет при Руската музичка академија „Гњешин“ и на истата академија магистрирал и докторирал на насоката „Оперско пеење“. Долго време предавал академско пеење на различни универзитети во Москва, од кои еден е Московскиот државен универзитет (МГУ). Од 2017 до 2022 година бил декан на Факултетот за вокални уметности на Меѓународниот славјански институт во Москва. Лауреат е на бројни меѓународни натпревари и фестивали. Како солист настапувал на сите континенти и во репрезентативни сали. Од 2022 година живее и работи во Црна Гора.

Тања Богдановиќ (1982) завршила основно и средно музичко училиште во Котор во класата на професорите Људмила Петрова и Виталиј Гуљиќук. Дипломирала на музичката академија во Цетиње во класата на професорот Роман Симовиќ. За време на студиите освоила бројни награди на натпревари во земјата и странство, од кои би ја издвоила првата награда на меѓународниот натпревар во Барлета, Италија, како и признанието од ОМПА/Младинската музичка и поетска асоцијација. Била член на Младиот мировен оркестар и на камерниот оркестар Камерата Академика. Настапувала на бројни фестивали и посетувала семинари со А. Камиларов, А. Островски, Х. Акејникова. Била член на Црногорскиот симфониски оркестар со кој настапувала и како солист. Свирела во камерниот оркестар Нуова како и во истоименото трио. Таа е член на Балканскиот оркестар, со кој настапуваше во Белград и Јапонија. Долги години работи како наставник по виолина и камерна музика во музичко училиште во Цетиње, Црна Гора, каде моментално ја извршува функцијата директор.

Ања Абрамовиќ Вујовиќ, пијанистка, е родена во 1992 година во Цетиње (Црна Гора). Завршила основни и специјалистички академски студии по пијано во класата на професорот Бојан Мартиновиќ на Универзитетот во Црна Гора. Дипломата како изведувачка пијанистка ја добила по обуката во Париз во престижната Ecole Normale de Musique de Paris, Алфред Корто, во класата на професорката Гуигла Кацарава. Добитничка е на многу награди и учесник на бројни мастер курсеви по пијано во Црна Гора и во странство. Со години работи како професор по пијано, камерна музика и корепетитор. Работела во C. A. S. L. Cercle Culturele et athlétique St Léon, во Париз, потоа како придружник во соработка со Конзерваториумот од седумнаесеттиот арондисман на Париз, Клод Дебиси. Моментално работи како професор по пијано и корепетитор во музичко училиште во Цетиње, Црна Гора. вг/нд/

Остани поврзан