• петок, 22 ноември 2024

Концерт на Дина Марковска и Јована Удовиќ во КСП Центар Јадро

Концерт на Дина Марковска и Јована Удовиќ во КСП Центар Јадро

Скопје, 6 април 2024 (МИА) - Во КСП Центар Јадро вечер ќе се одржи концерт на Дина Марковска (флејта) и Јована Удовиќ (виолина).

На концертот, Јована Удовиќ ќе изведе дела од Jохан Себастијан Бах – Соната за соло виолина бр. 2 во а-мол (BWV 1003), Grave, Fuga, Andante, Allegro, Фридрих Крајслер – Рецитатив и Скерцо-каприц, оп. 6

А, Дина Марковска че изведе дела од Георг Филип Телеман – Фантазија бр. 10 во фис-мол за соло флејта, Иван Јевтиќ – Инкантации за соло флејта, Зигфрид Карг-Елерт – Соната апасионата оп. 140 за соло флејта, Вилхелм Фридман Бах – Дует бр. 4 во ф-дур.

Дина Марковска е родена во Скопје 2003 година, а од 2012 живее и учи во Белград. Своето музичко образование го започна на 10 години, кога се запиша на отсек флејта во Музичкото училиште „Јосиф Маринковиќ“, во класата на професорот Константин Мирковиќ. Од 2020, работи со професорот Александар Буркерт во Средното музичко училиште „Коста Манојловиќ“ во Земун каде и го завршува средното музичко образование. Моментално е студент на втора година на основните академски студии на Факултетот за Музичка уметност во Белград во класата на професорот Миомир Симоновиќ. За сите овие години настапува на бројни училишни и академски концерти како солиста, камерен и оркестарски музичар во разни ансамбли како што се хор на флејти, дуо со виолина, дуо со обоа, квартет на флејта со гудачи, дувачки квинтет и симфонијски оркестар.

Има настапувано во многу концертни сали, како што се Големата сала на Коларчева задужбина, Галеријата на Коларчева задужбина, Параброд, МТС Дворана, Гварнеријус, Студентски културен центар, Српска академија на наука и уметност, како и на сцената на Македонската опера и балет. Исто така има настапувано и освојувано први награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ (2021 и 2024), меѓународните средби на флејтисти „Тахир Куленовиќ“ (2021 и 2023), меѓународен натпревар „Охрид те сакам“ во Македонија (2022), „Zemun international music competition“ (2021, 2022 и 2023 каде што беше прогласена за Лауреат на категорија), „Смотра на музичките таленати на Србија“ (2023) и други. Во јуни 2023 година освои и второ место на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ во Охрид, Македонија и вооедно беше најдобра во најстарата категорија на овој натпревар. Дина Марковска има посетувано и мајсторски курсеви и работилници каде има соработувано со професорите Матеј Зупан (Словенија), Паоло Табалионе (Италија), Вали Хасе (Германија), Карл-Хајнц Шуц (Австрија), Матју Госи-Онселан (Австрија), а во 2023 година беше и дел од Летната академија во Ница, Франција, каде што соработуваше со професорот Винсент Лука (Франција). Исто така учествуваше на оркестарскиот семинар во организација на FAME´s институтот во Скопје, каде соработуваше со професорот Владимир Николов и диригентот Џијан Емин, со чиј оркетар во склоп на овој проект настапи и на отварање на „Skopje Jazz Festival“ 2023.

Јована Удовиќ родена е во Белград, 2004. Таа го има започнато своето музичко образование во Белград на 8 години, во класата на професорката Лидија Ранковиќ. Во 2012 го завршува своето средно музичко образование во Училиштето за музички таленти во класата на професорот Драгутин Младеновиќ со награда за најдобра изведба на дипломскиот испит. Моментално е студент на втора година на Факултетот за музичка уметност во Белград кај професорот Роберт Лакатош.

Од самиот почеток на своето музичко образование таа има освоено многу награди на меѓународно и национално ниво, од кои најзначајни се: прва награда на “Васко Абаџиев” натпревар во Бугарија; прва награда и специјална награда за изведба на романски автор на „Eugen Cuteanu“ натпревар во Романија (2015); прва награда и Лауреат на Републички натпревар во Србија (2014, 2016, 2018, 2021); прва награда и специјална награда на Art Center на натпреварот „Talents for Europe“ во Словачка (2017); трета награда на „Jaroslav Kocijan“ натпревар во Чешка (2017); Лауреат и прва награда на „International String Competition“ во Ниш, Србија (2017, 2019); втора и прва награда на „Охридски Бисери“ натпревар во Македонија (2018, 2020).

Јована е носителка на наградата Свети Сава 2020 од Министерството за образование, наука и технолошки развој на Република Србија, а на “Kustendorf Classic” филмскиот и музички фестивал во Србија таа во 2023 доби специјална награда од семејството Кустурица.

Таа има одржано свои рецитали во Цвијета Зузориќ Павиљон (2018), САНУ галеријата (2019, 2020, 2023), Артгет галерија / Белградски културен центар (2019, 2020, 2023), Национален музеј во Белград (2022), Мултимедиален центар на Академијата за уметности во Нови Сад (2022), Вуков театар (2023) и на големата сцена на Коларчева задужбина (2023). Во 2021, на покана на член на жирито на „Охридски бисери“, таа настапи на Виолина Фест во Македонската филхармонија во Скопје.фф/са/

Фото: КСП Центар Јадро

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан