• понеделник, 23 декември 2024

Изведба на оперската претстава „Боеми“ во Националната опера и балет

Изведба на оперската претстава „Боеми“ во Националната опера и балет

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) - На сцената на Националната опера и балет вечер ќе биде изведено ремек-делото „Боеми“ од Џакомо Пучини. Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Дејан Прошев.

Операта е во четири чина, дејството се одвива во Париз кон крајот на 19 век, а либретото се базира на „Сцени од животот на боемите” на Хенри Мургер. Сценографијата е на Зоран Николовски, а костимограф е Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.

На оперската претстава настапуваат: Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Марјан Јованоски, Драган Ампов, Александар Стефаноски, Наде Талевска, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Александар Никодиновски, Диме Петров, хорот и оркестарот на Национална опера и балет.

Со изведбата на оперската претстава „Боеми“, диригентката Бисера Чадловска, ќе го одбележи јубилејот 20 години уметничка дејност на сцената на Националната опера и балет. Таа е првата жена диригент во Македонија, но важи и како еден од најплодните македонски оперски и балетски диригенти, со завидна бројка од над 50 оперски и балетски наслови во текот на нејзиното 20 годишно работење како прв диригент во Националната опера и балет.

-Музиката е неисцрпен извор на убавина, а една од моите желби секогаш беше да ја диригирам операта „Боеми“. Во изминатите 20 години, ја немав таа можност и затоа одлучив за овој мој прв поголем јубилеј да ја диригирам токму оваа опера. Таа е голем диригентски предизвик, прекрасна и емотивна музика. Задоволството е уште поголемо бидејќи сцената ќе ја делам со моите колеги од оркестарот, хорот и солистичкиот ансамбл на Националната опера и балет, со кои соработувам сиве овие години, вели диригентката Бисера Чадловска.фф/са/

Фото: Национална опера и балет

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан