• понеделник, 23 декември 2024

Награди на СЕММ за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Награди на СЕММ за најдобри новинарски стории на тема  „Факти и дезинформации за човековата околина“

Скопје, 23 април 2024 (МИА) - Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска ќе ги додели наградите за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“, објавени во периодот мај 2023 - април 2024.

Наградите се во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа: поддршка на новинарството како општо добро“ поддржан од УНЕСКО и Европската Унија.

СЕММ, во соработка со УНЕСКО, ги доделува наградите во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај, што годинава е посветен на важноста на новинарството и слободата на изразување во контекст на актуелната глобална еколошка криза.

-Во услови на загрозен одржлив развој, климатска криза и загадување на воздухот, водата и почвата, потиснувањето важни информации и ширењето дезинформации, особено преку социјалните мрежи, претставува ризик за јавното здравје, за кондицијата на природата и за демократскиот развој на заедницата. Наградите за новинарски текстови или видеоприлози се надеваме ќе бидат поттик за промовирање повисока свест за потребата од навремено, точно и етичко известување за човековата околина, но и за штетноста од дезинформациите во оваа сфера, што води кон намалена иницијативност од јавноста и од властите за ефикасна акција, соопшти СЕММ.

На доделувањето на наградите најавени се обраќања на шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, Билјана Георгиевска – извршна директорка на СЕММ и Џошуа Масаренти – регионален проектен координатор на УНЕСКО, со седиште во Сараево.

Во рамки на настанот, како што информира СЕММ, ќе биде промовиран и Прирачник за едукатори по новинарство - „Известување за вештачка интелигенција“, издание на УНЕСКО, преведено на македонски и на албански јазик. хс/са/ 

Фото: МИА архива 

Остани поврзан