Во Собранието ќе заседаваат две комисии
- Пред членовите на двете собраниски комисии е предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова - КфВ по договорот за заем за финансирање на проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и објекти за ученици/студенти со попречености во Северна Македонија, фаза 2, по скратена постапка.
Скопје, 29 јануари 2026 (МИА) - Во Собранието денеска ќе заседаваат Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.
Пред членовите на двете собраниски комисии е предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова - КфВ по договорот за заем за финансирање на проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и објекти за ученици/студенти со попречености во Северна Македонија, фаза 2, по скратена постапка.
Како што се посочува во предлог-законот, Република Северна Македонија се задолжува кај Кредитната банка за обнова - КфВ со заем во износ од 40.000.000 евра наменет за финансирање на проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентски домови и објекти за ученици/студенти со попречености во Северна Македонија - фаза 2.
Рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс-период до пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување. Република Северна Македонија ќе ѝ плати на Кредитната банка за обнова - КфВ еднократна провизија во висина од 1 % од износот на заемот. Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Кредитната банка за обнова - КфВ провизија во висина од 0,25 % од неповлечениот дел од заемот. Провизијата од ставот 4 на овој член ќе се плаќа полугодишно.
Со проектот се предвидува да се изврши енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, што вклучува зголемување на комфорот и подобрување на условите за живеење на студентите, опремување соби за студенти со посебни потреби, промена на водоводната инсталација во домовите и отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување енергетски ефикасни ЛЕД-светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување фотоволтаици за производство на електрична енергија и сл.
- Воедно, со проектот ќе биде опфатена и реконструкција на основни и средни училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби (со оштетен вид, со оштетен слух, пречки во развојот и др.), како и еден ученички дом во Велес, кои не се енергетски ефикасни и во кои не е извршена реконструкција подолг временски период, а од друга страна, училиштата не се приспособени за ученици со ваков вид потреби. Во објектите нема лифтови за лица со попречености, нема простории за нега на лицата со посебни потреби и др. - се посочува во предлог-законот. фф/са/
Фото: МИА Архива