• недела, 22 декември 2024

Во Брисел продолжува објаснувачкиот скрининг за Кластерот 4, во подготовка извештаите на ЕК за кластерите 1 и 2

Во Брисел продолжува објаснувачкиот скрининг за Кластерот 4, во подготовка извештаите на ЕК за кластерите 1 и 2

Брисел, 16 март 2023 (МИА) – Во Брисел денеска продолжува објаснувачкиот скрининг состанок за Кластерот 4, со Поглавјето 21 за Трансевропска мрежа, заедно со Поглавјето 15 - Енергетика. Во исто време, како што брифираат извори од Европската комисија, во подготовка се извештаите за скрининг процесот за Кластерот 1 - Темели и Кластерот 2 - Внатрешен пазар.

Вчера почна објаснувачкиот скрининг состанок за Кластерот 4 со Поглавјето 21 - Трансевропски мрежи и Поглавјето 14 - Транспортна политика.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера кажа дека трансевропски мрежи и транспортна политика, како и енергетиката се многу важни поглавја каде што ние како држава имаме и што да кажеме, но имаме и уште многу што да направиме. 

Како што јави известувачот на МИА од Брисел, тој потсети дека Северна Македонија е држава која што е вклучена во транспортната заедница, како и сите држави од Западен Балкан и дека учествуваме и во енергетската, и во транспортната заедница преку иницијативата на Берлинскиот процес.  

-Тоа е едно практично воведување на државите од Западен Балкан во европските коридори. Учествуваме во два важни европски коридори, Коридорот 10 којшто е целосно комплетиран и којшто може да биде и дополнет во наредниот период и Коридорот 8 на којшто интензивно работиме особено во делот кон Бугарија, но и во последниот период и кон Албанија, истакна Маричиќ.

Тој рече дека ЕУ полага многу значење на овие области бидејќи се од суштинска важност за развојот на цела ЕУ, за развојот на нашиот регион и оти не може да има развој без развиена инфраструктура, а не може да има развиена инфраструктура без вложување во транспортната мрежа и без ефикасна транспортна мрежа. 

-И како што видовте и на скринингот, целта на оваа политика е да се намалат гужвите, да се зголеми ефикасноста на транспортниот бизнис, и да функционира инфраструктурата беспрекорно без пречки или со минимум неопходни пречки, рече Маричиќ. 

Во однос на тоа кога ќе бидат објавени извештаите на ЕК за Кластерот 1 и 2, рече дека се подготвуваат, како тие за нас, така и тие за Албанија и оти ќе се објават во исто време. 

- Мислам кога тоа тактички ќе одлучат да го направат со оглед на расположението во Советот на ЕУ да ги разгледува, тоа ќе зависи од нив. Но јас очекувам дека во наредниот период, за не подолго од месец дена би требало да бидат готови тие извештаи, рече Маричиќ. 

Додаде дека извештаите се важен водич за патоказите што треба да ги направиме што веќе започнуваме да ги работиме и коишто треба отприлика во исто време да ги завршиме, а скрининг извештајот ќе ни биде и еден вид на коректив или водич што треба да внесеме во овие патокази до членството. 

На отворањето на објаснувачкиот скрининг за Кластерот 4, Мона Бјорклунд, директор на Директоратот за мобилност и транспорт при ЕК, истакна дека 25 проценти од целокупното законодавство на ЕУ спаѓаат во транспортниот сектор, јави известувачот на МИА од Брисел.

Таа посочи дека уште од 2019 година се започнати разговори со Северна Македонија за Поглавјата 14 и 21 од Кластерот 4, но, оттогаш, како што рече, има многу новини и законски акти, коишто земјава треба да ги имплементира, додавајќи ја важноста на соработката на земјава со ЕУ по Договорот за транспортната заедница.

-Од страна на ЕУ, транспортната политика ја движат приоритетите на зелената агенда и карбонската неутралност. Целта е да се достигне зелена, паметна и достапна мобилност. Законодавството за транспорт во ЕУ постојано се развива и тука сме да ве поддржиме. Останува уште работа да ги засилиме напорите за овие законски акти да се имплементраат. Новите акти се важни за сите наши обврски за Европа да стане позелена, рече Бјорклунд.

Вчера на состанокот беа претставени најновите и најважни измени во однос на наплаќањето на патарини  во зависност од обемот на емитување на штетни гасови, т.е. загадувањето, поврзаноста на националните системи за патарини и стандардите и правилата што треба да важат во зависност од типот на возилата  и времето во текот на денот или неделата кога треба да се применуваат.

Втората регулатива што ја претставија се однесуваше на мерките за спречување на постоењето на таканаречените фантом компании во транспортот, односно компании кои постојат само во адвокатска канцеларија и со поштенско сандаче, така што ќе се утврдат стандарди – колку возила мора да поседуваат, колку лица треба да вработуваат и секоја национална држава да стави во нивната регистрација проценка за ризик. Притоа секоја земја-членка може да побара информации од друга земја-членка дали навистина постои таква компанија или е фиктивна, нешто со што се соочува во многу сфери сега Македонија, каде што вакви фиктивни компании се регистрираат три дена пред добивање тендер.

Беа претставени и регулативите за превоз на патници, условите за работа на возачите, како времето за одмор, адекватни услови за спиење што треба да бидат обезбедени додека се на пат, правото на одмор, како и мерките за безбедно одвивање на транспортот, нешто што, ако се имплементира, може да влијае на подобрувањето на состојбата кај нас по случувањата со „Дурмотурс“, „Беса турс“ и други инциденти предизвикани од вакви и слични пропусти.  

Група новинари од земјава, првпат откако е почнат процесот на скрининг за усогласувањe на законодавството со ЕУ, го следат објаснувачкиот скрининг во Брисел. 

Новинарите вчера се сретнаа со в.д. директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Микела Матуела, а денеска ќе се одржат средби со советниците за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Сајмон Мордју и Маја Коцијанчиќ. нд/ац/

 

Остани поврзан