• вторник, 05 ноември 2024

Промоција на изданието „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ

Промоција на изданието „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ

Скопје, 5 март 2024 (МИА) – Во Музејот на македонската борба денеска издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе го промовира изданието „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ. 

Во промотивниот дел ќе учествуваат универзитетската професорка и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, во улога на промотор, уредничката на изданието Бисера Бендевска, како модератор и авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.
 
Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф. 

Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.

Во публикацијата се вклучени два предговора, од професорката и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, и од етнологот и кустос-советник во НУ Завод и музеј – Битола, Наде Геневска-Брачиќ, кои го воведуваат читателот во содржината на монографијата преку различни визури на нивните професии.
 
Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е моден креатор, костимограф, автор и новинар. По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии. Истовремено работи костимографии и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски театар, Битолски театар, Театар на националностите, Театар „Пралипе“ итн.). Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонските дневни и периодични изданија („Починка“, „Екран“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Журнал“, „Просветена жена“ и др.), а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“.
 
Книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-продавницата „Литература.мк“.свс/са/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан