• сабота, 23 ноември 2024

Во Брисел почнува објаснувачкиот скрининг за Кластер 4 – Зелена агенда и Одржлива поврзаност

Во Брисел почнува објаснувачкиот скрининг за Кластер 4 – Зелена агенда и Одржлива поврзаност

Брисел, 15 март 2023 (МИА) – Во Брисел денеска почнува објаснувачкиот скрининг состанок за Кластерот 4 – Зелена агенда и Одржлива поврзаност.

Објаснувачкот скрининг состанок за овој Кластер, којшто ќе го отвори вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, ќе започне со Поглавјето 21 - Трансевропски мрежи и Поглавјето 14 - Транспортна политика.

Кластерот 4 или „зелените приоритети“ се на врвот на приоритетите на Европската Унија каде што има обемно законодавство, коешто се надоградува и е најтешко за спроведување, особено во заштитата на животната средина и инвестициите.

Група новинари од земјава, по првпат откако е почнат процесот на скрининг за усогласувањe на законодавството со ЕУ, ќе го следат објаснувачкиот скрининг во Брисел. 

Новинарите во Брисел ќе имаат средба со вршителката на должност директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Микела Матуела, како и со советниците за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Сајмон Мордју и Маја Коцијанчиќ.

Како што соопштија од СЕП, во просториите на Постојана мисија на Република Северна Македонија при Европска Унија во Брисел новинарите ќе имаат брифинг со вицепремиерот Маричиќ, а ќе се сретнат и со Шефот на Мисијата, Амбасадорот Зулфи Исмаили.

Во Кластерот 4 спаѓаат Поглавјата 14, „Транспортна политика“, 15, „Енергетика“, 21 „Трансевропска мрежа“ и Поглавјето 27, „Животна средина и климатски промени“, за кои во периодот од 15-ти до 20-ти март Европската комисија ќе го презентира на македонскиот преговарачки тим новиот корпус на европското законодавство, донесено во периодот по 2018/19 година.

Утре продолжува Поглавјето 21, заедно со Поглавјето 15, „Енергетика“.

Обуката на новинарите за известување за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, е заеднички проект на Секретаријатот за европски прашања и Нордиска поддршка во Северна Македонија. нд/вг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан