Началниците на генералштабовите на земјите од ЕКОВАС ќе ја подготвуваат воената интервенција во Нигер
- Средбите на началниците на генералштабовите укажуваат и на тоа дека западноафриканските народи ги интензивираат подготовките за распоредување на војници и можна воена интервенција против пучистите во Нигер. -Еден (состанок) е планиран за следната недела, рече портпаролот на ЕКОВАС.
Ниамеј, 12 август 2023 (МИА) - Началниците на Генералштабовите на вооружените сили на земјите од Западна Африка (ЕКОВАС) во следните денови ќе се состанат за да ги подготват плановите за можната воена интервенција во Нигер, изјави портпаролот на оваа регионална организација.
Две недели откако воената хунта во Нигер го собори претседателот Мохамед Базум во седмиот државен удар во западна и централноафриканска земја во последните три години, организацијата ЕКОВАС, во четвртокот, по средбата на лидерите не земјите во нигерискиот главен град Абуџа, нареди резервните воени сили да бидат ставени во состојба на борбена готовност, јавија британските медиуми.
Средбите на началниците на генералштабовите укажуваат и на тоа дека западноафриканските народи ги интензивираат подготовките за распоредување на војници и можна воена интервенција против пучистите во Нигер.
-Еден (состанок) е планиран за следната недела, рече портпаролот на ЕКОВАС.
Воените претставници од Нигерија и Брегот на Слоновата Коска најавија состанок што денеска треба да се одржи во Гана.
Предложената воена интервенција очигледно не предизвика раздор и не ги продлабочи конфликтите во овој стратешки важен регион, каде што западните сили постепено го губат влијанието поради бројните преврати, додека Русија успешно го зајакнува своето влијание, наведуваат британските меидуми.
Илјадници поддржувачи на лидерите на пучот во Нигер вчера се собраа во близина на француската воена база во предградието на главниот град Ниамеј. Демонстрантите извикуваа „долу Франција, долу ЕКОВАС“. Многумина вееја знамиња на Русија и Нигер и навиваа за поддршка на новиот лидер на земјата, генерал Абдурахман Тчијани, јави порталот Ал Арабија.
Избраниот претседател на Нигер, Мохамед Базум, беше соборен од власт на 26 јули од членовите на неговата гарда, предводени од Тчијани, и потоа затворен во претседателската палата.
Потегот го осудија западноафриканските земји, Обединетите нации и западните земји, вклучително и Франција, поранешна колонијална сила и близок сојузник на Базум.
Франција има околу 1.500 војници во Нигер, кои беа испратени таму да помогнат во осумгодишната борба против бунтот на исламистичките екстремисти. Франција минатата година ги повлече своите сили од соседните Мали и Буркина Фасо, откако воените хунти и таму ги соборија избраните лидери. сд/
фото: МИА архива