Началникот на ИДФ се сретна со шефицата на Светската програма за храна поради ситуацијата со помош во Газа
- Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили (ИДФ), генерал-полковник Ејал Замир, денеска се сретна со извршната директорка на Светската програма за храна на ОН (ВФП), Синди Мекејн, за да ги разгледаат тековните напори за хуманитарна помош во Појасот Газа, соопшти војската.
Тел Авив, 27 август 2025 (МИА) – Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили (ИДФ), генерал-полковник Ејал Замир, денеска се сретна со извршната директорка на Светската програма за храна на ОН (ВФП), Синди Мекејн, за да ги разгледаат тековните напори за хуманитарна помош во Појасот Газа, соопшти војската.
На состанокот, на кој присуствуваше и генерал-мајор Гасан Алијан, кој раководи со израелското тело што координира со давателите на помош во Газа, беа наведени клучните мерки за стабилизирање на хуманитарната ситуација во Појасот и беше нагласена важноста помошта да стигне директно до цивилите, а не до Хамас.
Состанокот се одржа неколку дена откако Интегрираната класификација на фази на безбедност на храната (IPC), поврзана со ВФП, за прв пат прогласи глад во северна Газа, тврдење што Израел веднаш го отфрли, обвинувајќи дека извештајот се потпира на „пристрасни и самоинтересни извори кои потекнуваат од Хамас“, пренесе Тајмс оф Израел.
Мекејн, која е отворен критичар на израелските ограничувања на помошта, во мај 2024 година тврдеше дека Појасот веќе е во „целосен глад“.
Минатата недела, таа изјави дека гладот во Појасот е на „катастрофално“ ниво. јт/
Фото: ИДФ