• петок, 05 декември 2025

Началникот на Генералштабот на Армијата во посета на македонските контингенти распоредени во Романија и Бугарија

Началникот на Генералштабот на Армијата во посета на македонските контингенти распоредени во Романија и Бугарија

Скопје, 14 ноември 2025 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој претстојува во тридневна работна посета на Романија и Бугарија ги посети припадниците на македонскиот контингент распоредени во рамките на НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“, соопштија од Канцеларија за воени односи со јавноста на Генералштабот на Армијата.

Во рамки на посетата во Романија, на покана на началникот на Генералштабот на вооружените сили на Романија, генерал Ѓеорѓита Влад, генерал-мајор Лафчиски вчера присуствувал на Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Dacian Fall 2025“, која се одржа на полигонот за обука во Чинку.

Мултинационалната вежба „Dacian Fall 2025“, која се реализира во период од 20 октомври до 13 ноември, се наведува во соопштението, обедини околу 5000 војници од 10 земји членки на НАТО, при што беше потврдена подготвеноста, соработката и единството на Алијансата.

Генералот Лафчиски, за време на престојот во Романија, остварил средби и со командантот на Мултинационалниот корпус југоисток, генерал-потполковник Кристијан Дан и командантот на Мултинационалната дивизија југоисток, генерал-мајор Дорин Тома, на кои бил истакнат професионализмот и придонесот на македонските војници кои се распоредени во рамките на НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“.

Во рамки на посетата на Република Бугарија, армиската делегација предводена од генерал-мајор Лафчиски остварила средби со командантот на Здружените сили на Република Бугарија, генерал-мајор Станимир Христов, командантот на бригада „Пинероло“, бригаден генерал Паоло Ведове и со командантот на Мултинационалната борбена група во Република Бугарија, полковник Матиа Широко.

На средбите била потврдена целосната интероперабилност на македонскиот контингент со останатите сили од НАТО армиите во овој состав, по што  генерал-мајор Лафчиски ги посетил припадниците на Армијата, како дел од Мултинационалната борбена група на НАТО во Ново Село, при што им оддал признание за нивното залагање и посветеност во извршувањето на задачите .

-Придонесот на Армијата во НАТО активностите во Романија и Република Бугарија започна на крајот на 2022 година со испраќање на два свои состави во овие земји, каде заедно со припадниците на Вооружените сојузнички сили се составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана, се вели во соопштението. ац/сст/

Фото: Генерал Штаб на Армијата

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан