• понеделник, 23 декември 2024

Началникот на Генералштабот на американската армија во ненадејна посета во североисточна Сирија контролирана од Курдите, Дамаск лут

Началникот на Генералштабот на американската армија во ненадејна посета во североисточна Сирија контролирана од Курдите, Дамаск лут

Дамаск, 6 март 2023 (МИА) - Сириските власти ја осудија ненадејната посета на началникот на Генералштабот на американската армија на воената база во североисточна Сирија што ја држат курдските сили, нарекувајќи ја „нелегална“, објавија сириските државни медиуми.

Во САД беше соопштено дека началникот на Генералштабот на американската армија Марк Мили во саботата се сретнал со американски војници стационирани во регионот под контрола на Сириските демократски сили (СДФ), во кои доминираат Курдите.

„Сирија најостро ја осудува нелегалната посета“ на генералот Мили, изјави неименуван функционер на Министерството за надворешни работи на Сирија.

Тоа е „флагрантно кршење на суверенитетот и интегритетот“ на земјата, додаде функционерот, повикувајќи ја „американската администрација веднаш да престане со систематското и континуирано кршење на меѓународното право и поддршката за вооружените сепаратистички групи“.

Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад го смета распоредувањето на американските сили во регионот за „окупација“ и ги обвинува курдските сили, сојузници на САД, за „сепаратистички тенденции“.

Курдските власти негираат какви било сепаратистички аспирации, велејќи дека тие настојуваат да ја зачуваат нивната автономија, која Дамаск не ја признава.

„Мили во саботата отиде во североисточна Сирија за да се сретне со командантите и војниците“, изјави неговиот портпарол Дејв Батлер.

За време на посетата, генералот „доби најнови информации за мисијата против Исламската држава“, рече Батлер.

Тоа е прво патување на американски генерал во Сирија како началник на Генералштабот на американската армија, а на таа позиција е од 2019 година.

Меѓународната антиџихадистичка коалиција предводена од САД ја поддржува СДФ, која ја предводи борбата против Исламската држава, протерана од нејзините упоришта во Сирија во 2019 година.

Околу 900 американски војници се распоредени во неколку бази во североисточна Сирија. паг/

 


Остани поврзан