• среда, 26 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Националното студентско тело со иницијатива до Собранието да се изготви закон за студентска работа

Националното студентско тело со иницијатива до Собранието да се изготви закон за студентска работа

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Националното студентско тело соопшти дека до Собранието на Република Северна Македонија поднело иницијатива за изготвување Закон за студентска работа, која е изработена со поддршка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

НСТ информира дека иницијативата произлегува од заедничките заложби на студентските собранија низ државата и има цел да овозможи правна рамка за легално работно ангажирање на студентите без тие да го загубат својот статус и да ги загубат правата на одредени студентски поволности.

Идејата е студентите да добијат можност за стекнување практично искуство и финансиска поддршка во текот на своите студии, како што тоа е регулирано во голем број европски земји.

-Во сегашниот законски систем, нема јасна регулатива што им овозможува на редовните студенти да работат, што доведува до бројни предизвици. Многумина се принудени да работат неформално, без договори и со неизвесни услови, што ги става во ранлива позиција. Истовремено, младите дипломци често се соочуваат со барања за претходно работно искуство, иако не им се овозможени формални можности за стекнување такво искуство додека студираат. Иницијативата се заснова на успешните модели од земји како Словенија и Хрватска, каде што студентската работа е јасно дефинирана и заштитена со закон, наведува Националното студентско тело во соопштение. 

НСТ посочува дека регулирањето на оваа област ќе овозможи студентите да работат под јасни правила, соодветно на нивната стручна подготовка, а работодавачите да добијат пристап до квалификувана и мотивирана работна сила. Дополнително, велат оттаму, ова ќе придонесе кон намалување на неформалното вработување и сивата економија.

-Следниот чекор во процесот е формирање работна група која ќе работи на изготвување конкретни законски решенија. Националното студентско тело ќе организира јавни консултации со студентите, универзитетите, работодавачите и надлежните институции за да се осигури дека новиот закон ги зема предвид интересите на сите засегнати страни. Посебен акцент ќе се стави на заштита на студентските права, дефинирање на работните услови и интеграција на студентската работа во пазарот на трудот, наведува НСТ.

Националното студентско тело нагласува дека оваа иницијатива претставува значаен чекор кон подобрување на положбата на студентите во државава бидејќи регулирањето на студентската работа „ќе им овозможи на младите да стекнат искуство, да бидат финансиски независни и подобро подготвени за идните професионални предизвици“.

-Националното студентско тело останува посветено на овој процес и очекува поддршка од сите засегнати институции за негово успешно спроведување, се наведува во соопштението. хс/дма/

Фото: Национално студентско тело

Остани поврзан