• понеделник, 23 декември 2024

Национален форум: Недостаток на инспекциски надзор, недоволен ангажман од иснтитуциите и свеста кај граѓаните клучни проблеми со депониите и отпадот во државава

Национален форум: Недостаток на инспекциски надзор, недоволен ангажман од иснтитуциите и свеста кај граѓаните клучни проблеми со депониите и отпадот во државава
Скопје, 30 јуни 2021 (МИА) - Управувањето со дивите депонии, немањето урбанистички планови, недостигот на инспекциски надзор, недоволниот ангажман на Министерството за внатрешни работи и свеста кај граѓаните беа истакнати како главни проблеми кога станува збор за депониите во државава на денешниот Националниот форум „Управување со цврст отпад/депонии - потреби наспроти можности“, кој има за цел да ја засили соработката помеѓу засегнатите страни. На форумот присуствуваа градоначалниците на Куманово и на Гостивар, Максим Димитриевски и Арбен Таравари, раководителката на секторот за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Каранфилова Мазневска, како и Марија Спасовска од граѓанската иницијатива „Стоп Русино“. Според кумановскиот градоначалник Димитриевски, факт е дека не само Општина Куманово, туку и сите општини во државава имаат проблеми со дивите депонии - Се обидуваме во рамките на можностите да ги решиме, но колективната свест е главен проблем. Насочуваме сериозни средства за чистење на дивите депонии, но и на речните корита и повторно се соочуваме по кус временски период со слична слика. За среќа на Општина Куманово успеавме да влеземе во глобална стратегија за решавање на проблемите со цврст отпад и тоа во рамките на проектот, кој е финансиран со средства од ЕУ. Се работи за многу сериозна инвестиција и изградба на фабрика за ппреработка на цврст отпад, соопшти Димитриевски. Рече дека при решавање на проблемите со дивите депонии се соочувале со еден главен проблем, а тоа е урбанистичка документација, односно немањето генерални урбанистички планови. Лазо Филипов од компанијата „Зока енерџи солушн“ истакна дека постојат голем број на диви депонии и дека ситуацијата со нив е во катастрофална. - Факт е дека не можат да се добројат, колку подлабоко навлегувате во природата сфаќате дека има насекаде депонии, сепак најпроблематични се сите диви депонии, меѓутоа може да тргнеме од најголемите каде што е најизразено влијанието на самозапалување на депониите каде што кога ќе почнат да горат истите претставуваат една страшно тешка еколошка катастрофа, која тешко е понатаму да се контролира, изјави Филипов. Порача дека треба да се преземат чекори кон едукација на населението, меѓутоа како што вели и институциите исто така, треба да преземат построги мерки во однос на справувањето на нелегално депонираниот отпад, воедно и дека мора да се построги казните и едукацијата. - Мора да сфатиме дека отпадот е реален проблем во нашата земја и здравјето на сите нас зависи од тоа како ќе управуваме со отпадот, заклучи Филипов. И градоначалникот Димитриевски се согласи дека едукацијата и заложбите на институциите мора да се на повисоко ниво. - Според мене главниот проблем е недостаток на капацитетност на општините во инспекцискиот надзор, недоволен ангажман од Министерството за внатрешни работи бидејќи, самите имаат овластување да постапуваат по вакиви случаи, но за жал се пасивни и третиот проблем е подигање на свеста кај граѓаните, бидејќи се случува многу често да урбаната опрема особено кантите за депонирање на смет и останатите урбани сегменти во урбаното опремување на градот бидат уништени од страна на несовесните граѓани, иако пријавуваме пред надлежните служби за прогон, сепак немаме расчистени случаеви, потенцира Димитриевски. Градоначалникот на општина Гостивар, Таравари пак, се осврна и на законското решение за увоз на отпад и проблемот со дивата депонија во Русино. - Не треба ни да се дискутира дали во Македонија треба да се увезе отпад, сите знаеме дека Македонија е веќе една легална депонија сама по себе, прво треба да ги реши регионалните депонии, па и локалните, бидејќи врие насекаде на територијата на нашата држава и треба да се најде решшение, а не да се донесе и да се увезува, нашата пратеничка група ќе биде против ова законско решение, изјави тој. Таравари додаде дека кога станува збор за депонијата Русино таа треба да се дислоцира во некоја од општините од полошкиот регион, информира дека едната опција е во општина Јегуновце, а другата во општина Желино. - Ние ќе прифатиме која било опција. Доколку биде современа, според европски стандарди сме подготвени да разговараме, меѓутоа вака како што постои не доаѓа предвид, додаде гостиварскиот градоначалник. Димитриевски за крај информира дека постоечката депонија во Куманово која што генерално има проблеми со опожарувањето ќе биде трансофрмирана во трансфер станица во која ќе се собира и селектира отпад и во специјални контењери за превоз ќе се вози тој отпад во новата фабрика која што како што рече тој треба да отпочне да се гради во регионот на општина Свети Николе во рамките воедно кажа дека во рамките на овој овој проект се опфатени повеќе општини со кои ќе формираат заедничко комунално претпријатие. Од „Зока енерџи солушн“ сметаат дека доволно е да се преземат истите чекори од соседните земји а тоа се проекти кои предвидуваат отпадот да се рециклира термички комплетно и кои го симулираат процесот на природно распаѓање на отпад при што се добива еден извор на енергија од обновливи извори, - Така што придонесуваме за заштита на животната средина и претставува воедно и најдобар можен начин во денешно време покрај рециклирањето на отпадот, имајќи предвид дека – да рециклирањето е најдобро, меѓутоа сепак голем дел од отпадот не може да се рециклира и во Европа и кај нас и повторно завршува на депонија и порано или покасно  мора да ги имаме во државата и кај нас, вели Филиповски. Националниот форум на „Цивика мобилитас“ е годишен настан што обезбедува простор за дискусија помеѓу претставниците на граѓанските организации, институциите на национално или локално ниво и сите други чинители важни за решавање на прашањата околу отпадот и депониите. Програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“ е поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска. свс/сп/

Остани поврзан