• вторник, 05 ноември 2024

Нацевска: Приближувањето на европските мултинационални компании кон регионот – можност за поголем економски раст

Нацевска: Приближувањето на европските мултинационални компании кон регионот – можност за поголем економски раст

Скопје, 9 септември 2023 (МИА) - Вицегувернерката Емилија Нацевска заедно со професорката Паула Субачи од Универзитетот Квин Мери во Лондон и истражувачот Џан Ферети од Брукингс центарот за макроекономски истражувања  учествуваше на панелот „Подвојување на глобалниот финансиски систем - импликации за трговијата, капиталните текови и девизните курсеви" што беше дел од дискусиите на симпозиумот на високо ниво во организација на централната банка на Ерменија и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс.

-Зголемените геополитички тензии креираат ризици од фрагментација на глобалната економија и претставуваат сериозна закана за сите досегашни придобивки од високата меѓусебна поврзаност и зависност на глобалниот економски систем, што може да доведе до сериозни импликации и загуби во светската економија. Геополитичките настани во последните неколку години ја поттикнуваат фрагментацијата и во инфраструктурата за извршување на меѓународните плаќања, што дополнително може да влијае на трговските и капиталните меѓузависности на земјите и регионите и со тоа повратно да ја засили економската фрагментација, истакна вицегувернерката Нацевска.

Како што наведува Народната банка, во својата дискусија Нацевска посочи дека неповолните ефекти од геоекономската фрагментација особено би се почувствувале кај малите и отворени економии, како нашата, чијшто потенцијал за раст во голема мера е условен од вклученоста во меѓународните текови на стоки, услуги и капитал. Таа истакна дека македонската и економиите на земјите од Западен Балкан веќе се соочуваат со послаба динамика на раст и конвергенција кон земјите од ЕУ, како последица на забавената глобализација по појавата на светската финансиска криза. Оттаму, за да се задржи и поттикне растот во услови на зголемени ризици од де-глобализацијата се потребни навремени и добро осмислени мерки со кои би се искористиле придобивките од промените кај мултинационалните компании предизвикани од гео-економските поместувања и би овозможиле вклучување на домашните производствени капацитети во глобалните синџири на снабдување.

-Во овој контекст, за нашата земја е значајно искористувањето на можностите од процесот на преместување на производството на европските мултинационални компании од сегашните подалечни на поблиски и помалку ризични локации (т.н. nearshoring), што ќе овозможи и поголема интеграција со земјите од ЕУ. Според анализите на ММФ, поголемата интеграција на земјите од регионот на Западен Балкан во глобалните синџири на снабдување може да го подигне нивото на БДП од три до 10 проценти, дополни Нацевска.

Подвлекувајќи го значењето на платежната инфраструктура за трговската и финансиската интеграција, вицегувернерката Нацевска истакна дека земјите од Западен Балкан интензивно работат на создавање предуслови за меѓусебна интеграција на домашните платежни системи и нивна интеграција со платежната инфраструктура на ЕУ. Во таа насока, земјите од регионот  активно се подготвуваат  за пристапување кон Единствената европска платежна област. Според неа, со прифаќање на принципите и стандардите на СЕПА се очекува да се подобри ефикасноста, да се намалат трошоците и да се олеснат трговијата и инвестициите во и надвор од границите на домашната економија. мч/дма/

Фото: Народна банка

 

Остани поврзан