• среда, 11 март 2026

Научници реконструираа снимки од мозочна активност на глувци

Научници реконструираа снимки од мозочна активност на глувци

Лондон, 11 март 2026 (МИА) - Британските научници успеале да реконструираат кратки снимки од мозочната активност на глувците коишто гледале видеоснимки, како дел од истражувањето насочено кон подобро разбирање на тоа како животните го доживуваат светот. Реконструираниот материјал е „пикселиран“, но дава увид во тоа како глушецот обработува видео од луѓе кои учествуваат во различни спортови, вклучувајќи гимнастика, јавање коњи и борење, објави „Гардијан“.

- Убавото кај луѓето е што може едноставно да прашате некого: „Што сонуваше? Што виде? Што халуцинираше?“ Но, кај животните ние немаме таков пристап, појасни д-р Џоел Бауер од Центарот „Сејнсбери велком“ на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Истражувачите рекоа дека работата е сè уште во рана фаза, но очекуваат натамошниот напредок во технологијата да овозможи подетални испитувања за перцепцијата на животните и нови сознанија за тоа како нивниот мозок реагира на околината.

Клучен дел од истражувањето е програма за вештачка интелигенција развиена за предвидување на промените во електричната активност во визуелниот кортекс на мозокот на глушецот во зависност од тоа што животното гледа. Тоа се заснова на тоа што визуелниот кортекс прима податоци од мрежницата и ги претвора во кохерентна претстава на околината.

За време на експериментот, научниците користеле инфрацрвен ласер за да ја снимат активноста на невроните во визуелниот кортекс додека глувците гледале десетсекундни снимки.

Потоа истражувачите, со помош на програма со ВИ којашто постепено ги менува празните слики сè додека не произведе модели на мозочна активност што се совпаѓаат со оние снимени кај глувците, дошле до наведените резултати.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан