• понеделник, 23 декември 2024

Народна банка: Во ноември годишен раст од 7,2% на вкупните депозити и од 5,2% на вкупната кредитна поддршка

Народна банка: Во ноември годишен раст од 7,2% на вкупните депозити и од 5,2% на вкупната кредитна поддршка

Скопје, 21 декември 2023 

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 7,2% како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства. 

На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 5,2%, којшто се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства.

Монетарни движења во Република Северна Македонија: ноември 2023 година

-Во ноември 2023 година, паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2) е зголемена за 0,7% на месечна основа, во најголем дел поради растот на депозитните пари, при дополнителен раст и на краткорочните депозити и на долгорочните депозити до две години, додека готовите пари во оптек забележаа пад. Споредено на годишна основа, паричната маса е повисока за 4,1%, пред сè поради растот на депозитните пари, при позитивен придонес и на останатите компоненти.

-Вкупните депозити 3 во ноември, забележаа месечен раст од 0,9%, којшто се должи на зголемените депозити на двата сектори, со поизразен придонес на корпоративниот сектор. Годишниот раст изнесува 7,2% и е резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“. 

-Во ноември, вкупните кредити се зголемени за 0,3%, во целост како резултат на повисоките кредити на секторот „домаќинства“. На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 5,2%, којшто се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.

-Вкупните депозити на корпоративниот сектор, овој месец, остварија раст од 2,1% на месечно ниво. Промената пред сè се должи на повисоките депозитни пари, при позитивен придонес кон растот и на краткорочните депозити во денари и во странска валута, додека долгорочните депозити во денари и во странска валута бележат пад. На годишна основа, растот изнесува 9,8% и во поголем дел е резултат на зголемените краткорочни депозити во странска валута, при дополнителен раст и на останатите компоненти, додека долгорочните депозити во странска валута се
намалени.

-Во ноември, кредитите на корпоративниот сектор5 забележаа минимален месечен пад од 0,1%, којшто произлегува од намаленото кредитирање во странска валута, во услови на раст на кредитите во денари. На годишна основа е остварен раст од 3,8%, во целост како резултат на зголемените кредити во денари.

-Во ноември 2023 година, вкупните депозити на домаќинствата бележат месечен раст од 0,4%, којшто се должи на повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари. Растот на годишна основа изнесува 7,1% и произлегува од зголемените долгорочни депозити во странска валута и во денари, како и од зголемените депозитни пари, при пад на краткорочните депозити.

-Кредитите на домаќинствата, во ноември, се зголемени за 0,7% на месечна основа, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, малку поизразено во денари. На годишна основа, овие кредити забележаа раст од 6,5%, во поголем дел поради зголеменото кредитирање во странска валута, при раст и на кредитите во денари. 

Во ноември, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечно зголемување од 0,7% и 1,0%, соодветно, при годишен раст од 6,1% и 10,3%, соодветно. Овој месец, кај автомобилските кредити е остварен раст од 1,7% и 8,3% на месечно и на годишно ниво, соодветно, при забележан месечен и годишен пад на кредитите одобрени на кредитни картички за 0,3% и 3,8%, соодветно.

Негативните салда на тековните сметки, во ноември, се пониски за 0,7% на месечна основа, додека на годишна основа бележат раст за 4,8%. Кредитите одобрени врз други основи, овој месец, се намалени за 2,3% и 17,8%, на месечна и на годишна основа, соодветно. 

Народна банка на Република Северна Македонија

фото МИА архива

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан