• понеделник, 23 декември 2024

„Напредни лозари": До 1 јуни да се знаат условите околу откупот на грозјето од годинашнава реколта

„Напредни лозари
Кавадарци, 8 март 2022 (МИА) - До 1 јуни да се знаат условите околу откупот на грозјето од годинашнава реколта, во спротивно ќе преземеме порадикални мерки, апелираат денеска од регионалното здружение „Напредни лозари", со седиште во Кавадарци.
-Бараме поддршка од Владата и Министерството за земјоделство. Винариите и откупувачите да кажат колку грозје планираат да откупат, по кои шеќерни единици, за која цена по килограм, велат од Здружението.
Од ,,Напредни лозари" потсетуваат дека од  лозарството како земјоделска гранка егзистираат голем број на семејства, а еден добар број семејства, имаат лозја како дополнителен извор на егзистенција.
-Сакаме да посочиме на потребата од навремено преземање на сите мерки, неопходни да се избориме за нашиот статус и да го вратиме сјајот на нашиот лозарски регион и културата која грижливо ја одгледуваме. Не смееме повеќе да чекаме. Крајно време е да си го вратиме нашиот, лозарскиот дел од лозаро-винскиот колач, којшто со години беше намалуван на сметка на екстра профитите на преработувачите и откупувачите на грозје. Доведени сме на работ на сиромаштијата, а се заканува и уништување на лозарството. Август и септември не, јуни е месецот во кој  треба да биде се чисто и кристално јасно за претстојната реколта, нагласуваат од Здружението.
Оттаму додаваат дека не смее да се  дозволи земјоделците да бидат изманипулирани и да одработуваат нечија партиска или политичка агенда или интерес.
-Единствена партија сме самите ние лозарите, поддржани од останатите земјоделски гранки. Нашата политика е кристално јасна - да се врати достоинството на лозаропроизводителите и да прекине ценовната тиранија која се спроведува со децении наназад. За тоа е потребно сите да си подадеме рака, без разлика на партиска припадност и да имаме нешто повеќе верба во тоа што треба да го постигнеме, децидни се од здружението „Напредни лозари". свд/вг/

Остани поврзан