• вторник, 05 ноември 2024

Напаѓачот на Денот на независноста на САД обвинет по седум точки за убиство од прв степен

Напаѓачот на Денот на независноста на САД обвинет по седум точки за убиство од прв степен
Вашингтон, 6 јули 2022 (МИА) - Американецот Роберт Кримо, уапсен поради сомнение дека од кров пукал во граѓани, собрани на парада по повод одбележување на Денот на независноста на САД во предградие на Чикаго, обвинет е по седум точки за убиство од прв степен. Според јавниот обвинител на Илиноис, Ерик Рајнхард, доколку 21-годишниот Роберт Е. Кримо биде прогласен за виновен, ќе се соочи со максимална казна доживотен затвор, без можност за условно пуштање. Тој ќе бара Кримо да остане во притвор без можност за кауција. Кримо легално го купил оружјето, испукал над 70 куршуми и се облекол во женски алишта, со цел подоцна да може да се скрие меѓу насобраните граѓани, соопштија локални официјални лица. Полицијата информираше за седум жртви, од кои една им подлегна на повредите во болница. Повеќе од 30 лица беа повредени во пукањето за време на парадата за Денот на независноста во Хајленд парк во понеделникот. Полицијата соопшти дека Кримо неколку недели го планирал нападот, мотивот не е познат, но, нема докази за расни или антисемитски причини. Кримо имал препознатливи тетоважи на лицето и носел женски алишта за да го скрие својот идентитет. - Се вклопи со сите додека бегаа, како и тој да е невин набљудувач, појасни Крис Ковели, портпарол на канцеларијата на шерифот на округот Лејк. Осомничениот побегнал во домот на својата мајка, а подоцна го позајмил нејзиниот автомобил. За нападот, тој употребил пушка од висок калибар, слична на полуавтоматска АР-15, што ја оставил пред да побегне. Слична пушка имал и во автомобилот на неговата мајка, што го возел кога го фатила полиција. Тој имал и друго оружје, сето купено на легален начин, наведоа официјални лица. бд/сд/

Остани поврзан