• понеделник, 23 декември 2024

Намаленото ДДВ може да донесе намалени цени во Грција од 1 јуни

Намаленото ДДВ може да донесе намалени цени во Грција од 1 јуни
Атина, 22 мај 2020 (МИА) - За авионскиот, бродскиот, автобускиот и јавниот превоз, за кафето и сите безалкохолни пијалоци во кафулињата и угостителските објекти и за билетите за летните кина од 1 јуни до 31 октомври 2020 година ДДВ-то во Грција од 24 отсто се намалува на 13 отсто, со што се очекува да донесе и пониски цени за конкретните производи и услуги. Доколку сопствениците на кафулињата и останатите угостителски објекти решат намаленото ДДВ да го спроведат директно на цените, тоа ќе значи дека во следните пет месеци, кафето и безалкохолните пијалоци, како што се соковите, чаевите и слично, ќе бидат меѓу 20 и 50 центи поевтини, како што анализира дописничката на МИА од Атина. Поконкретно, кафе, сок или чај што чини 3.5 евра, би можело да изнесува 3.20 евра, или пак од 4 да се намали на 3.65 евра. Како што беше случај кога ДДВ-то се зголеми, а сопствениците решија разликата во цената да биде на нивни, а не на товар на клиентите, така и сега, не е исклучена можноста да се стори истото, па цените да бидат непроменети. Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека со новите даночни олеснувања, бизнисмените имаат секаква причина, дел од намалувањето на ДДВ-то да го спроведат во пониска цена за потрошувачите. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во неговата видео порака до граѓаните, најавувајќи намалување на ДДВ-то од 24 на 13 отсто за превозните средства, рече дека знае колку е важен поевтиниот превоз со автобус, со брод и со авион. - Сакам, оние кои патуваат и одат на одмор, летово тоа да го сторат по најмала можна цена, рече грчкиот премиер. Ова, во пракса, би значело, дека билетот за јавниот превоз во Атина, што сега е 1.40 евро, од први јуни би бил 1.28, но заменик-министерот за транспорт и инфраструктура на Грција, Јанис Кефалојанис, говорејќи за грчката телевизија „Скај“, рече дека ја разгледуваат можноста и дополнително да се намали цената. Во однос на останатите билети, на пример, доколку патувањето со брод до некој од грчките острови досега чинеше 80 евра, со намаленото ДДВ, би требало да чини 73 евра. Патувањето со воз од Скопје за Солун и назад сега чини 19.50 евра во двата правци, а со намаленото ДДВ, би требало да биде околу две евра поевтино. Во однос на автобускиот превоз, на пример повратниот билет Атина – Солун сега е 59 евра, со намаленото ДДВ, би требало да биде 54 евра. Намалување на ДДВ-то за истиот период од пет месеци, предвидено е и за туристичките пакети. Од досегашниот сооднос 80/20, односно ДДВ од 13 отсто за 80 отсто од пакетот и 24 отсто за 20 проценти од пакетот, сега се намалува на 90/10 односно 13 проценти ДДВ ќе има 90 отсто од пакетот, а останатата една десетина ќе биде со данок од 24 отсто. ср/

Остани поврзан