Намалена просечната каматна стапка на вкупните кредити, стабилна кај депозитите
- Народната банка објави дека е намалена просечната каматна стапка на вкупните кредити на годишна основa, при што во јули таа изнесува 4,33 проценти, додека просечната каматна стапка на вкупнит
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - Народната банка објави дека е намалена просечната каматна стапка на вкупните кредити на годишна основa, при што во јули таа изнесува 4,33 проценти, додека просечната каматна стапка на вкупните депозити е задржана стабилна, на ниво од 0,67 проценти.
Во јули 2022 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити е зголемена за 0,06 процентни поени на месечна основа и изнесува 4,33 проценти, во услови на забележан годишен пад од 0,17 процентни поени Просечната каматна стапка на вкупните депозити трет месец по ред се задржа на истото ниво и изнесува 0,67 проценти, додека на годишна основа е намалена за 0,16 процентни поени.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесува 4,01 процент во јули и оствари месечен и годишен раст од 0,02 процентни поени и 0,39 процентни поени, соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити е намалена за 0,13 процентни поени на месечно ниво и изнесува 0,84 проценти, додека на годишно ниво оствари раст за 0,33 процентни поени.
Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,08 проценти во јули и е зголемена за 0,04 проценти во споредба со претходниот месец. Месечната промена се должи на растот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,07 п.п.), како и на минималниот раст на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,01 процентен поен, соодветно). Споредено на годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,22 процентни поени.
Во јули, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 3,53 проценти и на месечна основа е зголемена за 0,09 процентни поени. Нагорната промена е резултат на растот на сите компоненти: каматните стапки на кредитите во денари со валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,13 процентни поени соодветно), како и каматните стапки на кредитите во денари без валутна клаузула (за 0,07 процентни поени). На годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,08 процентни поени.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор бележи намалување за 0,03 п.п. во јули и изнесува 0,94 проценти. Надолната промена во целост се должи на падот на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,05 п.п.), додека каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула се непроменети. Споредено со јули претходната година, каматната стапка
на вкупните депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,17 процентни поени. Во јули, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор изнесува 0,65 проценти и забележа месечен пад од 0,88 п.п. Месечниот пад се објаснува со пониските каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,80 процентни поени и 0,72 процентни поени, соодветно), во услови кога банките и штедилниците не примиле денарски депозити со валутна клаузула. На годишно ниво, оваа каматна стапка е зголемена за 0,23 процентни поени.лв/са/