• понеделник, 30 декември 2024

Намалена површината на вештачкото езеро што е еден од главните извори за водоснабдување на Атина

Намалена површината на вештачкото езеро што е еден од главните извори за водоснабдување на Атина

Атина, 27 август 2024 (МИА) – За 15 до 20 отсто во однос на просечната вредност од 2010 година е намалена површината на вештачкото езеро Морнос во централна Грција, што претставува еден од главните извори за водоснабдување на Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

Според сателитските податоци и мерења на единицата Метео на Националната опсерваторија во Атина, во последните месеци има намалување на површината на вештачкото езеро поради сушата, високите температури, но и многу благата зима со ограничени врнежи од снег на планините.

Сателитските податоци, како што пишува Метео покажуваат дека пред две години, на 16 август 2022 година вкупната површина на езерото била околу 16,8 километри квадратни, лани, на 21 август била околу 15,3 километри квадратни, додека пак оваа година, на 20 август површината на езерото била проценета на околу 12,0 километри квадратни.

-Во конкретниот временски период, површината на езерото се намали за 15-20 отсто во однос на просечната вредност од 2010 година. Површината на вештачкото езеро Морнос во конкретниот временски период се смета за една од најмалите од 2010 година од кога постојат сателитски набљудувања со многу висока резолуција, пишува во анализата на Метео и Националната опсерваторија.

Езерото Морнос е вештачко езеро од 1979 година по завршувањето на браната на реката Морно, изградено за да ги задоволи постојано зголемените потреби за водоснабдување на Атина.

За опасноста од можен недостиг на вода во областа Атика, поширокиот регион на Атина, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека се работи на план за решавање на големиот и постоечки проблем. ср/рп/

Фото: Метео

Остани поврзан