• понеделник, 23 декември 2024

Над 100 делфини умреа во Бразил, можна причина е високата температура на водата

Над 100 делфини умреа во Бразил, можна причина е високата температура на водата

Бразилија, 2 октомври 2023 (МИА) - Повеќе од сто делфини се пронајдени мртви во Бразил, а можна причина за тоа е историската суша што ја погоди земјата и рекордно високите температури на водата, кои надминаа 38 степени.

Мртвите речни делфини се пронајдени во езерото Тефе во последните седум дена, соопшти Институтот Мамирауа, истражувачки објект под покровителство на Министерството за наука.

Од Институтот наведоа дека толку голем број на загинати единки е невообичаен и дека причина може да бидат рекордните температури на водата, но и сушата.

-Сè уште е рано да се утврди причината за ваквата екстремна појава, но според нашите експерти, тоа секако е поврзано со сушниот период и високите температури во езерото Тефе, кои на некои места надминаа и 39 степени Целзиусови, соопштија од Институтот.

Активистите и истражувачите се обидуваат да ги спасат преживеаните делфини, преместувајќи ги од лагуните и езерата до главниот поток каде водата е поладна, објави Си-Ен-Ен Бразил.

-Префрлањето на речните делфини во други реки не е безбедно, бидејќи е неопходно да се проверат токсините и вирусите кои се присутни пред да се ослободат животните, изјави Андре Коелјо, истражувач од Институтот Мамирауa. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан