• понеделник, 23 декември 2024

Надлежниот грчки министер потврди дека кај Еврос починало петгодишно дете

Надлежниот грчки министер потврди дека кај Еврос починало петгодишно дете
Атина, 16 август 2022 (МИА) – Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис денеска ги потврди информациите од изминатите денови објавени во дел од медиумите дека на малиот остров во реката Еврос на копнената граница меѓу Грција и Турција починало петгодишно дете, објаснувајќи дека детето го загубило животот на турска територија, јави дописничката на МИА од Атина. Митаракис денеска беше во посетата на Еврос и прифатниот центар во кој се сместени 38 мигранти кои вчера ги лоцираше и ги спаси грчката полиција, откако извесен период беа заглавени на малиот остров во реката Еврос на копнената граница меѓу Грција и Турција. Надлежниот грчки министер рече дека 35 од мигрантите се од Сирија, тројца од Палестина, сите се во добра здравствена состојба, а една бремена жена, превентивно била пренесена во болница и објасни дека според изјавите на мигрантите на грчка територија влегле на 14 август. -Втората многу важна работа што произлегува од нивните изјави е дека дошле од турската страна на реката и од турските власти биле истуркани кон островот. Официјално, турските власти ги уапсија овие мигранти во внатрешноста на Турција, не им дадоа право да поднесат барање за меѓународна заштита, како што Турција е обврзана од меѓународното право. Напротив, турската полиција ги донесе на брегот на Еврос и под закана со насилство ги принуди да дојдат во Грција. Трето што сакам да кажам е дека од сведочењето произлегува дека петгодишно дете го загубило животот на турска територија и ова е навистина непријатно, рече Митаракис и додаде дека со Меѓународниот Црвен крст и Црвената полумесечина ќе побараат да се најде телото на детето и „достоинствено да биде погребано од неговото семејство“. Случајот со групата мигранти и починатото дете веќе неколку дена е актуелен во Грција, а грчката полиција, првично, во неделата соопшти дека по натписите во медиумите за присуството на мигрантите на малиот остров, била спроведена потрага, но без резултат и без да бидат пронајдени лицата, а паралелно додадоа дека добиените координати со локацијата се вон грчка територија. Со ист став беше и надлежниот министер, додека пак ден подоцна, групата беше пронајдена. Како што претходно објави МИА, грчката полиција соопшти дека групата била откриена на околу четири километри јужно од првично пријавените координати пред неколку дена што биле вон грчката територија. Од опозициската партија СИРИЗА бараат одговори од Владата „како го објаснува ненадејното откривање на луѓето, кога самата преку надлежниот министер и официјални соопштенија од полицијата уверуваше дека на островот не е откриено човечко присуство“, но и дали ќе му се извини на грчкиот народ „за пуштените информации дека присуството на мигрантите на островот е fake news“. ср/ссм/

Остани поврзан