• четврток, 19 декември 2024
На денешен ден
5 јуни 2022 (МИА)   1723.- Роден е шкотскиот економист Адам Смит, кој заедно со Дејвид Рикард е најпознат претставник на англиската класична политичка економија. Неговата теорија за поделбата на трудот во економската литература се смета за класична. 1819.- Роден е англискиот астроном и математичар Џон Кауч Адамс, професор на Универзитетот во Кембриџ, кој во 1845 година, врз основа на неправилностите во движењето на Уран, прв го одредил движењето и приближната положба на дотогаш непознатата планета Нептун. Откритието не го пријавил благовремено, па славата за откривањето на Нептун во 1846 година му припаднала на францускиот астроном Ирбен Леверје. 1826.- Во Лондон умрел Карл Марија Вебер, германски композитор, творец на германската романтичарска опера. Компонирал и оркестарски композиции, камерна музика, кантати и друго. Роден бил во Ојтин, на 18 ноември 1786 година. 1827.- Турските сили го зазеле Акропол и влегле во Атина. 1873.- Под притисок на Британците, султанот Занзибер Саид бин Баргаш го затворил занзибарскиот пазар на робови. 1878.- Роден е мексиканскиот револуционер Франсиско Панчо Виља, кој го предводел селанското движење во Мексиканската револуција од 1910 до 1917 година. Бил убиен во 1923 година од страна на политичките противници во местото Идагло дел Парал, во мексиканската државава Чивава. Во 1966 година бил прогласен за мексикански национален јунак. 1883.- Роден е англискиот економист Џон Мајнард Кејнз, творец на таканаречената кејнжинска економија, за која е врзана целокупната современа макроекономија на Запад. Професор на Универзитетот во Кембриџ станал во 1908 година, а во 1912 стана уредник на највлијателното списание „Економски журнал“. Дела: „Расправа за парите“, „Ревизија на мировниот договор“, „Трактат за паричните реформи“, „Средства кон просперитет“. 1898.- Роден е шпанскиот писател, музичар и сликар Федерико Гарсија Лорка, еден од најголемите лиричари во 20 век. Дела: збирка песни „Цигански романсеро“, „Песни“, поемите „Канте Хондо“, „Плачот за Игнасио Санчес Мехијас“, драмите „Маријана Пинеда“, „Љубовта на Перлимплин“, „Крвава свадба“, „Јерма“, „Домот на Бернард Алба“. Загинал на 19 август 1936 година, кога поради неговите напредни идеи, франкистите го стрелале во околината на Гранада. 1928.- Роден е англискиот филмски и театарски режисер Тони Ричардсон. Дела: „Забавувач“, „Светилиште“, „Вкусот на медот“, „Осаменоста на тркачот на долги патеки“, „Том Џонс“ (Оскар), „Госпоѓица“, „Морнарот од Гибралтар“, „Јуриш на лесната коњаница“, „Хамлет“, „Нед Кели“. 1944.- Кај селото Кушкулија, Струмичко, како заменик-командант на Вториот баталјон на Третата македонска НОУ бригада, учествувајќи во борбите против бугарскиот окупатор, загинал Панче Пешев, македонски композитор и хороводител. Покрај другото, автор е на најубавата и најпопуларна македонска борбена песна од НОВ, Марш на Третата македонска бригада „Ко челик сме ние“, за кој стиховите ги напишал писателот Ацо Шопов, борец во истата бригада. Роден бил во Велес, во 1915 година. 1945.- Четирите сојузнички сили (СССР, САД, Велика Британија и Франција) ја презеле врховната управа над Германија и, притоа, во Германија биле создадени четири окупациони зони и формиран сојузнички контролен совет. 1947.- Државниот секретар на САД Џорџ Маршал го соопштил планот за финансиска помош на Европа која била разорана во Втората светска војна. Со „Маршаловиот план“ биле опфатени 16 земји, а вкупната помош од 1948 до 1952 година изнесувала 15 милијарди долари, од кои најмногу средства биле издвоени за Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Австрија и Турција. Овој план одиграл и политичико-воена улога бидејќи станал еден од битните елементи на НАТО-пактот, основан во 1949 година. 1967.- Почнала израелската вооружена агресија врз Египет, Сирија и Јордан. Овој, трет по ред, израелско-арапски судир траел шест дена. 1975.- Суетскиот канал повторно бил отворен за меѓународен сообраќај, освен за Израел, по израелско-арапската војна во 1967 година. 2000.- Американскиот претседател Бил Клинтон како прв лидер на една од значајните западни земји се обратил пред пратениците на руската државна Дума (Собрание). 2004.- Умрел американскиот државник Роналд Реган, претседател на САД од 1981 до 1989 година, кој во младоста бил филмски актер. Како 40-ти американски претседател значително придонесол за ставање крај на ерата на студената војна со Советскиот Сојуз. 2005.- Швајцарските граѓани на два референдума го прифатиле пристапувањето кон шенгенскиот договор со кој практично се укинати границите меѓу земјите-членки на Европската унија и се обезбедил слободен проток на луѓето и стоката. Тогаш бил поддржан и предлог-законот за „регистрирано партнерство“ на хомосексуалните парови. 2008.- Уставниот суд одбил да ја укине забраната за носење исламски шамии на универзитет. Законските реформи кои во собранието ги протуркала исламистичката Партија за правда и развој (АКП) се уставни - бил ставот на Уставниот суд на Турција. За одлуката гласале девет судии, а двајца биле против. Секуларните структури во таа земја сметале дека владината одлука да се дозволи носење шамии на универзитетите е доказ за тоа дека АКП сака во Турција да воведе шаријатски закони. 2017.- Македонскиот шампион Вардар е нов европски првак во ракомет, откако во неверојатна драма во „Ланксас арената“ го совлада ПСЖ со 23-24 (12-11) и првпат стана шампион на Стариот континент. ###

Остани поврзан