• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
5 ноември 2022 (МИА) 1492.- Морепловецот Христифор Колумбо во својот дневник запишал дека пронашол „едно вкусно растение од кое живеат луѓето“. Тоа бил првиот пишан документ во кој се спомнувала пченката (царевката). 1831.- Роден е Џемс Клерк Максвел, британски физичар, најголем теоретски физичар во 19. век. Тој во областа на електромагнетизмот ги формулирал познатите Максвелови равенки, ја создал електромагнетната теорија на светлината, дал теоретска основа за радиобрановите и за радиотехниката, математички формулирал повеќе Фарадееви изуми и друго. Умрел во Кембриџ, на 5 ноември 1879 година. 1912.- За претседател на САД бил изран Вудро Вилсон. Вилсон бил единствениот претседател во американската историја кој на избори ги победил двајцата поранешни шефови на државата - Вилијам Тафт и Теодор Рузвелт. 1913.- Родена е британската театарска и филмска актерка Вивиен Ли, која светската слава ја стекнала со улогата Скарлет О`Харе во американскиот филм „Однесено со виорот“ за која била наградена со Оскар. Во театарот играла низа главни улоги во драмите на Вилијам Шекспир, често со нејзиниот маж Лоренс Оливије за кого била мажена од 1937 до 1960 година. Филмови: „Бура во чаша вода“, „Пожар над Англија“, „Цезар и Клеопатра“, „Ана Каренина“, „Леди Хамилтон“, „Тармвајот наречен желба“. 1914.- Франција и Велика Британија во Првата светска војна и објавија војна на Турција. 1916.- Централните сили во Првата светска војна го прогласиле Кралството Полска, што било обид Пољаците масовно да се мотивираат за учество во војната на страната на централните сили. Царска Русија на овој чин одговорила со ветувањето дека по војната Полска ќе добие самостојност. Дотогаш Полска била една од руските крунски земји - рускиот цар ја носел титулата и цар на Полска (без Галиција која била австриска и делови кои биле под Германија). 1930.- Умрел холандскиот лекар Кристијан Ајкман, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1929 година, пронаоѓач на причините за болеста бери-бери. Нобеловата награда ја добил за откривање на витаминот Б. 1940.- Демократот Франклин Рузвелт го победил на изборите републиканецот Вендел Вилки и по третпат бил избран за претседател на САД. 1944.- Умрел францускиот хирург и биолог Алексис Карел, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1912 година. Значаен бил по откривањето на трансплантацијата на ткивата и одржување на живото ткиво надвор од организмот. Исто така ја унапредил хирургијата на крвните садови. 1956.- Британските падобранци се спуштиле во Порт Саид во рамките на тројната британско-француско-израелска агресија врз Египет. Со енергична акција на Обединетите нации, агресијата била запрена, но оставила политички последици врз целиот регион и врз светот. 1960.- Умрел американскиот филмски режисер од канадско потекло Мак Сенет, еден од најзначајните автори на бурлеските во периодот на немиот филм. Тој го промовирал Чарли Чаплин. 1968.- На изборите за претседател на САД републиканецот Ричард Никсон го победил демократот Хјуберт Хамфри. 1968.- На сцената на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје била изведена премиерата на операта во четири чина со епилог „Цар Самуил“ од македонскиот композитор Кирил Македонски. 1969.- САД го лансирале првиот вселенски брод „Маринер-3“ во правец кон Марс. Поради технички грешки мисијата претрпела неуспех. 1982.- Умрел францускиот филмски режисер и актер од руско потекло Жак Тати, сатиричар, комедиограф. Филмови (режија и глума): „Празничен ден“, „Одмор на господинот Илоа“, „Мојот вујко“ (Оскар), „Сообраќајна бркотница“. 1982.- На реката Парана на бразилско-парагвајската граница почнала со работа Итаипа, најголемата хидроелектрана во светот. 1898.- Умрел американскиот пијанист Владимир Хоровиц, еден од најголемите мајстори на клавир во историјата. Советскиот Сојуз го напуштил во 1925 година, а кога првпат се вратил во 1986 година одржал триумфални концерти во Москва и во Санкт Петербург. 1996.- Демократскиот кандидат, гувернерот од Арканзас, Бил Клинтон убедливо победил на претседателските избори дури во 40 држави на САД. 1996.- Пакистанскиот претседател ја сменил премиерката Беназир Буто обвинувајќи дека нејзината влада е вмешана во корупција и непотизам и дека не е способна да управува со државата. 2003.- Европската комисија ја донесла дефинитивната одлука за влез во Европската унија, на 1 мај 2004 година, на 10 нови членки - Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Унгарија, Малта, Полска, Словачка, Словенија и Чешка. 2005.- Умрел британскиот писател Џон Фаус, автор на романот „Магионичар“, „Жената на францускиот поручник“, „Колекционер“, „Мушичка“, „Даниел Мартин“. 2006.- Поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин бил осуден на смрт со бесење за извршени злосторствата против човештвото. Садам заедно со седуммина поранешни ирачки функционери бил обвинет за убиство на 148 муслимански шиити во местото Дуџаил, по обидот за атентат врз него, во 1982 година. 2006.- Умре поранешниот турски премиер Булент Еџевит, познат како лево ориентиран националист чија политичка кариера траела половина век. Како премиер на Турција, Еџевит ќе остане запаметен по тоа што испратил трупи во поделениот Кипар во 1974 година, како и по тоа што на својата земја и обезбедил статус на кандидат за прием во Европската унија во 1999 година.   ###

Остани поврзан