• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
28 декември 2020 (МИА) 1825.- Умрел Жак Давид, голем француски сликар, основач и главен претставник на класицизмот. Меѓу неговите познати дела се „Наполеоновото крунисување“, „Фамилијата Жерар“ и други. Роден бил во 1748 година. 1836.- Шпанија ја признала независноста на Мексико, кое било окупирано меѓу 1519 и 1522 година. Востанието против колонијалното управување избило во 1810 година, а нестабилноста на Мексико ја искористиле САД, одземајќи го Тексас во 1822, а по крвавата војна од 1846 до 1848 година и Ново Мексико и Калифорнија. 1895.- Во Париз, во просториите на "Гранд кафе", браќата Луј и Огист Лимиер, организирале прва филмска проекција. Тоа биле првите "подвижни слики" во историјата, кратки филмови. Оваа филмска претстава предизвикала воодушевување кај публиката и се смета за датум на раѓањето на кинематографијата. Само десет години подоцна, битолските браќа Манаки, Јанаки и Милтон, го снимиле првиот филмски кадар на Балканот. 1908.- Во земјотресот во Месина и Калабрија, во Италија, загинале околу 83.000 лица. 1925.- Во Ленинград (Санкт Петерсбург), во хотелот „Англетер“, во состојба на тешка душевна депресија, се самоубил Сергеј Александрович Есенин, еден од најзначајните руски лиричари и истакнат обновувач на поетската сликовитост. Познати негови дела се "Задушница", "Триптих", "Стихови на скандалистите", "Кафеанска Москва", "Советска Русија", "Персиски мотиви" и "Ана Снегина". Роден е во селото Константиново, сега Есенино, Рјазанска област, на 3 октомври 1895 година. 1944.- Во Скопје почнала тридневната работа на Второто (вонредно) заседание на АСНОМ. 1944.- Во Скопје почнало да работи Радио Скопје на куси бранови од 50 метри на македонски јазик. Првата емисија што ја емитувало бил преносот од Второто (вонредно) заседание на АСНОМ. 1947.- Умрел поранешниот италијански крал Витори Емануеле III, последниот монарх на Италија, кој на престолот бил од 1900 до 1946 година. Го поддржувал фашистичкиот режим на Бенито Мусолини, а по агресијата на Италија врз Етиопија, во 1936 година се прогласил за „цар на Етиопија“, а за „крал на Албанија“ во 1939 година. Абдицирал по победата на републиканците на изборите во 1946 година. 1961.- Во селото Жилче, Тетовско, е роден Бошко Ѓуровски, македонски и југословенски фудбалер и тренер. Својата кариера ја започнал во ФК „Тетекс“ од Тетово, а настапувал и во ФК „Црвена Ѕвезда“ и ФК „Сервет“. По крајот на својата играчка кариера, работел како тренер и асистент во повеќе клубови, а од 1 јануари 2014. до 7 април 2015 година бил селектор на фудбалската репрезентација на Македонија. 1962.- Во Мозамбик, португалска колонија во Африка, со сојузувањето на три антиколонијални групи бил основан Фронтот за ослободување на Мозамбик, под чие водство земјата по долготрајните борби во 1975 година стекнала независност. 1963.- Умрел Паул Хиндемит, германски композитор, виолинист и музички теоретичар, најистакнат претставник на германската модерна музика. Роден бил во 1895 година. 1966.- Кина ја извршила петтата нуклеарна проба. Шест месеци подоцна експлодирала првата кинеска хидрогенска бомба. 1974.- Во земјотресот кој ги разорил селата во пакистанската планинска област Карака, загинале околу 5.200 лица. 1984.- Умрел американскиот филмски режисер Сем Пекинпо, автор на вестерни и криминалистички филмови кои се карактеризираат со изразити ликови, совршена монтажа и стилска проекција. Филмови: „Балада за Кејбл Хог“, „Шампион во родео“, „Бег“, „Бившиот пријател Кид“, „Елита на убијци“, „Железен крст“. 1988.- Во Прилеп умрел Рампо Конески, еден од доајените на театарската уметност во Македонија, прв директор на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Роден бил во 1916 година. 1994.- Директорот на американската разузнавачка агенција ЦИА Џејмс Вулзи поднесол оставка по апсењето на високиот службеник на ЦИА Олдрич Ејмс кој со години работел за Москва. 1995.- Од космодромот во Бајконур, Казахстан, од една руска носечка ракета, бил лансиран сателит од индиско производство. Заедно со сателитот имало уште едно летало, наречено "скипер", сопственост на Универзитетот во Утах, САД. 1999.- Португалија и Индонезија ги обновиле целосно дипломатските односи, по прекинот од 25 години кој настанал откако Џакарта го припоила Источен Тимор, поранешна португалска колонија, кој е етнички индонезиски но верски католички, за разлика од Индонезија која е претежно исламска. 2004.- Умрела американската писателка Сузан Зонтаг, авторка на романи и есеи за современата култура и политика. Дела: романот„Смртна опрема“, есеите - „Против интерпретациите“, „Стилови на радикалните желби“, „Излет во Ханој“, „Јас и така натаму“, „Болеста како метафора“. 2005.- Во Земјината орбита бил лансиран првиот од 30-те сателити на европската сателитска мрежа „Галилео“, иден глобален навигациски систем. ###

Остани поврзан