• недела, 17 ноември 2024
На денешен ден
16 август 2021 (МИА)   1534.- Шпанскиот благородник Игнацио Лојола во црквата Монмартр во Париз со неколку француски и шпански ученици основал монашки ред кој имал задача да води борба против реформацијата и против сите противници на Католичката црква. Тој ред го одобрил папата Павле Трети на 27 јули 1540 година, па станал столб на католичката реакција во Шпанија, Италија, Португалија и во хабзбуршките земји (Чешка, Словенија, Хрватска). Во рацете на езуитите била и озогласената римска инквизиција. 1845.- Роден е францускиот физичар Габриел Липман, добитник на Нобеловата награда за физика во 1908 година кој го пронашол процесот на фотографирање во природни бои. Го конструирал електрометарот и го засновал принципот за одржување електрицитет. 1896.- На Алјаска, најсеверниот дел на САД било откриено злато кое било поттик десетици илјади авантуристи да тргнат по него. 1913.- Роден е израелскиот државник Менахем Бегин, кој бил премиер на Израел од 1977 до 1983 година. Тој бил прв израелски државник кој потпишал Договор со некоја арапска земја. По разговорите во Кемп Дејвид со египетскиот претседател Анвар ел Садат и претседателот на САД, Џими Картер, во 1977 година го потпишале мировниот Договор со Египет. Тој со Садат во 1978 година ја поделил Нобеловата награда за мир. 1914.- Британскиот експедиционен корпус се истоварил во Франција. Со тоа Велика Британија го почнала активното учество во Првата светска војна. 1926.- Во американската метропола на филмот, Холивуд, умрел Рудолф Валентино, северноамерикански филмски актер од италијанско потекло кој во немиот филм се прославил со улогите на заводник и романтичен јунак. Неговите филмови „Четири јавачи на апокалипсата, „Дамата со камелии“ и „Шеиковиот син“, влегле во историјата на светската кинематографија. Роден бил на 6 мај 1895 година. 1938.- Во Њујорк почнал Вториот светски младински конгрес. По повеќедневното заседание конгресот го усвоил познатиот "Њујоршки договор за мир" што го потпишале претставниците на младите од 54 земји. 1948.- Во Скопје се одржало Основачкото собрание на Фудбалскиот сојуз на Македонија. За претседател бил избран Коле Чашуле. 1958.- Родена е американската пејачка и актерка Мадона Луиз Вероника Чиконе, позната како Мадона, се уште една од најпопуларните музички ѕвезди на планетата. 1973.- Умрел американскиот микробиолог Селман Абрахам Ваксман, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1952 година. 1977.- Во Грејсленд, Мемфис, умрел Елвис Присли, американски рокенрол пејач, наречен „кралот на рокенролот“. Најпопуларен бил во 50-ите до 70-ите години на 20. век. Негови светски хитови се „Во гетото“, „Сега или никогаш“, „Не биди суров“, „Огнена љубов“ и многу други. Роден бил во Тулело, Мисисипи, на 8 јануари 1935 година. 1994.- Наспроти обвинувањата за тешка изборна измама, Хоакин Балагер седми пат стапил на должноста претседател на Доминиканската Република. 2003.- Умрел поранешниот диктатор на Уганда, Иди Амин Дада, еден од најкрвавите деспоти во историјата на Африка. Тој како началник на Генералштабот на војската на Уганда власта ја приграбил во 1971 година со воен удар против Милтон Оботе, во момент додека шефот на државата бил во странство. Во текот на неговото диктаторско владеење во оваа централноафриканска земја биле масакрирани дури половина милион луѓе. 2007.- Земјотрес со интензитет од 7,9 степени според Рихтеровата скала го погодил Перу, при што загинале најмалку 510 лица, а над 2.000 беа повредени.   ###

Остани поврзан