• вторник, 05 ноември 2024

Награди од НДИ за Комисијата за политички систем и меѓупартиската пратеничка група за правата на Ромите

Награди од НДИ за Комисијата за политички систем и меѓупартиската пратеничка група за правата на Ромите

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата, Националниот демократски институт ја прослави својата 40-годишнина и организираше дискусија за демократијата со демократските партнери во граѓанското општество, националните и локалните власти, политичките партии, медиумите и меѓународната заедница.

За напорите за елиминирање на бездржавјанството во Северна Македонија, НДИ им додели награда „Ден на демократијата“ за 2023 година на пратеничките Соња Мираковска и Љатифе Шиковска, кои ги примија наградите во име на Комисијата за политички систем и меѓупартиската пратеничка група за правата на Ромите.

-НДИ замислува свет каде што преовладуваат демократијата и слободата, со достоинство и еднаквост за сите, а меѓупартиските напори на пратениците да се стави крај на бездржавјанството за повеќе од 700 засегнати Роми, ја зацврстува визијата на Институтот, рече Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ во Северна Македонија.

За да се разбере влијанието на бездржавјанството врз луѓето, од НДИ истакнуваат дека добитниците на Наградата за демократија за 2023 година, спроведоа собраниски брифинзи и надзор за подобро да се информираат како недостатокот на документација, меѓуинституционална координација и празнините во правната рамка сериозно ги попречуваат правата, слободите и пристапот до услуги.

-Пратениците потоа со повеќепартиски консензус преминаа кон измена на националното законодавство за да се создаде патека за добивање државјанство, велат од НДИ.

Настанот „Ден на демократијата“, исто така, вклучуваше панел дискусии за родовата еднаквост и како институционалната транспарентност и отчетност може да се спротивстават на корупцијата со панелисти кои ги претставуваа државните институции, граѓанското општество и амбасадите на Швајцарија и Шведска.

Од 1993 година, НДИ и нејзините локални партнери во Северна Македонија работат на основање и зајакнување на политички и граѓански организации, заштита на изборните процеси и промовирање учество на граѓаните, отвореност и отчетност во владеењето. НДИ е непрофитна, непартиска организација која работи ширум светот и во партнерство кон зајакнување и заштита на демократските институции, процеси, норми и вредности заради обезбедување подобар квалитет на живот за сите. ир/лв/

 

Фото: НДИ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан