„Награди за актери“: Харисон Форд со признание за животно дело, „Грешници“ најдобар филм
- Харисон Форд ја доби наградата за животно дело. Со тоа им се придружи на Џејн Фонда, Сали Филд, Барбра Стрејсенд, Хелен Мирен, Роберт де Ниро и Морган Фримен.
Лос Анџелес, 2 март 2026 (МИА) - Во Лос Анџелес вчера се одржа 32-то годишно доделување на американските „Награди за актери“ (Actor Awards). Водителка беше Кристен Бел, а настанот беше емитуван во живо на „Нетфликс“.
Меѓу најголемите победници на вечерта беа Мајкл Б. Џордан, кој ја освои наградата за најдобар глумец за улогата во наградениот филм „Грешници“, хорор-драмата којашто освои и рекрдни 16 номинации за „Оскар“. Инаку, годинава признанијата првпат официјално се нарекуваат „Награди за актери“, наместо претходното име „Награди на занаетското здружение на актерите од екранот“ (Screen Actors Guild Awards). Официјалната страница ја објасни промената.
„Сакавме името на наградата да биде појасно за нашата домашна и меѓународна публика и недвосмислено да покаже кого славиме - глумците во филмот и телевизијата“, се вели во објавата. - „Затоа фокусирањето на името на тие две работи беше наједноставниот пат до ново поглавје на овие награди“.
Следат главните добитници за категориите во делот „Филм“.
Најдобар глумец во главна улога: Мајкл Б. Џордан за „Грешници“;
Најдобра глумица во главна улога: Џеси Бакли за „Хамнет“;
Најдобар глумец во споредна улога: Шон Пен - „Една битка по друга“;
Најдобра глумица во споредна улога: Ејми Мадиган - „Оружје“;
Најдобар филм: „Грешници“.
Во делот „Телевизија“, наградени се следните:
Најдобар глумец во ТВ-филм или минисерија: Овен Купер за „Адолесценција“;
Најдобра глумица во ТВ-филм или минисерија: Мишел Вилијамс за „Да се умре за секс“;
Најдобар глумец во драмска серија: Ноа Вајл - „Интензивна нега: Питсбург“;
Најдобра глумица во драмска серија: Кери Расел - „Дипломатот“;
Најдобар глумец во хумористична серија: Сет Роген - „Студио“;
Најдобра глумица во хумористична серија: Кетрин О'Хара - „Студио“;
Најдобра драмска серија: „Интензивна нега: Питсбург“;
Најдобра хумористична серија: „Студио“.
Харисон Форд ја доби наградата за животно дело, којашто му ја врачи неговиот колега Вуди Харелсон. Форд со тоа им се придружи на великаните кои го добиле ова признание, меѓу кои и Џејн Фонда, Сали Филд, Барбра Стрејсенд, Хелен Мирен, Роберт де Ниро и Морган Фримен.
- Се наоѓам во просторија со глумци, од кои многумина се тука затоа што се номинирани да добијат награда за нивната неверојатна работа, додека јас сум тука за да добијам награда затоа што сум жив, се пошегува Форд, велејќи дека тоа е „полу-поен“ во неговата кариера. - А пак, кариерата не е успех преку ноќ... Наградава е многу охрабрувачка. - Јас сум навистина среќен човек. Среќен сум што ги најдов моите луѓе. Среќен сум што имам работа што ме предизвикува. Среќен сум што сè уште ја работам, додаде наградениот глумец.
Наградите за каскадерска изведба отидоа кај „Невозможна мисија - Последната пресметка“ (за филм) и „Последните од нас“ (за ТВ серија). си/сд/
Фото: ЕПА