• понеделник, 23 декември 2024

Наградени најдобрите студентски идеи на Хакатонот за зелено инженерство

Наградени најдобрите студентски идеи на Хакатонот за зелено инженерство

Скопје, 23 април 2024 (МИА) - Во рамки на Конференцијата за зелено инженерство, одржливи материјали и технологии за циркуларна економија, на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) денеска се одржа Хакатон во чиј фокус годинава се зеленото инженерство и циркуларната економија.

Претставници на домашните компании ги слушнаа студентските иновативни идеи за ревалоризација на био и индустриските отпадни материјали, а потоа ги избраа и најдобрите студентски идеи. 

Од вкупно 10 учесници кои вчера ги презентираа своите идеи, победник на Хакатонот е Филип Алчевски со темата „Иновативни употреби на летечката пепел за одржлив развој“. Второто место го освои тимот на Маринела Мечкароска и Ана Нестороска за „Валоризација на оризова лушпа преку добивање силика и биомасло“, а  третиот победнички тим се Тамара Јовевска и Јована Јовевска за темата „Биоматеријали“. 

Трите најдобри тима добија по 500 евра награден фонд за иновативната идеја, додека останатите учесници добија по 100 евра.

Деканот на ТМФ, Стефан Кувенџиев, искажа задоволство дека Конференцијата помага не само за промоција и зајакнување на соработката меѓу научните институции и бизнис-секторот, туку да ги доближи и поврзе младите идни инженери со домашните компании. 

-Компаниите во своето работење веќе ги применуваат стандардите за зелено инженерство, одржливи материјали и технологии за циркуларна економија, а и во рамки на домашните законски акти и правилници стремежот е да се води економијата и индустријата кон 0 (нула) емисии, односно рециклирање. Тоа е тренд и наша цел е да создадеме високоспособен и профилиран кадар кој веднаш може да ги спроведат мерките согласно начелата за зелено инженерство. Значи идните инеженери преку Хакатонот доаѓаат во директен контакт со и нудат сериозни размислувања и решенија за исполнување на бараните стандарди, истакна деканот Кувенџиев. хс/сст/

Фото: ТМФ

 

Остани поврзан