Набрзо полесно ќе се добива германско државјанство
- Германското Министерство за внатрешни работи подготви нови правила за добивање на државјанство, според кои странците кои живеат во Германија повеќе нема да треба да се откажуваат од пасошите
Берлин, 7 јануари 2023 (МИА) – Германското Министерство за внатрешни работи подготви нови правила за добивање на државјанство, според кои странците кои живеат во Германија повеќе нема да треба да се откажуваат од пасошите за да добијат германско државјанство и ќе можат да аплицираат по пет години престој.
Според досегашните правила странците мораа да живеат осум години во Германија за да можат да аплицираат за државјанство. Предлог-законот предвидува и намалување и на периодот од пет години ако апликантите можат да докажат дека се добро интегрирани, на пример со покажување одлични резултати на училиште или на работа, доброволна работа или особено добри јазични вештини.
Новите правила вклучуваат и олеснување на доказот за познавање на германскиот јазик за одредени групи, како и лицата над 67 години да не докажуваат дека го знаат јазикот.
Предвидено е и децата кои се родени во Германија, но чии родители имаат странско државјанство, повеќе нема да треба да избираат кое државјанство да го земат кога ќе пораснат.
Промените се дел од сеопфатната ревизија на миграциските и интегративните политики на Германија од страна на владината трипартиска коалиција на германската Социјалдемократска партија, Унија 90/Зелени и Слободната демократска партија. ми/