• сабота, 23 ноември 2024

МЦМС: Граѓаните со позитивни чувства кон жените, постарите, лицата со посебни потреби, а со предрасуди кон ЛГБТ-заедницата

МЦМС: Граѓаните со позитивни чувства кон жените, постарите, лицата со посебни потреби, а со предрасуди кон ЛГБТ-заедницата
Скопје, 25 октомври 2022 (МИА) - Мнозинство македонски граѓани покажуваат позитивни чувства кон жените - 82,6 отсто, лицата со посебни потреби - 80,6 отсто и возрасните луѓе над 70 години - 80,3 отсто. Високи се вредностите - над 70-процентна поддршка и за младите под 30 години, христијаните, мажите, лицата со нарушена ментална состојба и муслиманите, покажуваат резултатите од последното истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за „Ставовите и искуството со предрасуди, социјална дистанца и еднаквост во Северна Македонија“. Од друга страна, 53,5 проценти од граѓаните отворено ги искажуваат своите негативни чувства или предрасуди кон лезбијките, геј и бисексуалните лица, а нешто помал е процентот од 46,3 отсто на оние кои изразуваат негативни чувства кон трансродовите лица или имигрантите - 21,6 проценти. - Што се однесува на личното искуство со предрасуди, одговорите на оние кои рекле дека голем дел од времето се соочуваат со нив е под 10 отсто. Меѓу оние кои понекогаш се соочиле со предрасуди најбројни се тие кај кои основата била полот 13,3 отсто, потоа политичката припадност 11,1 отсто и етничката припадност 10,3 отсто. Анализата за социјална дистанца покажува прилично конзистентен тренд па така, на испитаниците им е попријатна идејата да имаат за раководител, сосед или да се дружат со некој кој е од различна етничка припадност или вера, отколку нивни близок роднина да стапи во брак со некој/а од различна етничка или верска припадност. Мнозинство на испитаници или 67,5 проценти сметаат дека е подобро да се склопи брак со жена/маж од иста вера, велат од МЦМС повикувајќи се на резултатите од истражувањето. Истражувањето покажува дека најголем приоритет за испитаниците се вредностите поврзани со еднаквоста и социјалната правда во општеството. Високи 74,0 отсто ги избрале понудените основни вредности за еднаквост како многу блиски до нивните ставови. По нив следуваат вредностите за државната безбедност со 70,6 отсто, сигурноста на државниот поредок, како и законитоста на постапките и процесите со 66 отсто). За отвореноста кон различностите се изјасниле 68,6 проценти. Мнозинство од испитаниците или 56,4 отсто во потполност се согласуваат со изјавата дека треба да има еднаквост за сите во општеството. Една третина од граѓаните отстапува од ова стојалиште. - Околу две третини од испитаниците рекле дека се обидуваат да дејствуваат без предрасуди затоа што тоа им е лично важно. Сепак, не треба да се занемари и бројката на оние кои рекле дека се обидуваат да дејствуваат без предрасуди за да не бидат осудени од околината. Фактот дека еден поединец може да има многу позитивни и ставови без предрасуди за една малцинска група, но негативни ставови или предрасуди кон друга, значи дека во суштина предрасудите се засноваат на научени верувања, ставови и чувства кои може да подлежат на промени. Битно е политиките кои се спроведуваат во македонското мултикултурно општество за јакнење на кохезијата и меѓу групните односи да целат кон едукација, но и кон заштита на граѓаните од поголеми ескалации, како што е отворената дискриминација и неповолниот третман, потенцираат од МЦМС. Истражувањето е спроведено од 24 јуни до 5 јули 2022 година со телефонска анкета која била одговорност на агенцијата М-Проспект. Примерокот е репрезентативен на национално ниво и вклучува 1.000 испитаници. Истражувањето е дел од проектот „Комисијата за антидискриминација за извршува својата превентивна и заштитна улога“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од МЦМС. сст/дма/  

Остани поврзан