• сабота, 23 ноември 2024

МФ: Ја подобруваме енергетската ефикасност во здравствените објекти и објекти под надлежност на општините

МФ: Ја подобруваме енергетската ефикасност во здравствените објекти и објекти под надлежност на општините
Скопје, 5 март 2022 (МИА) - Министерството за финансии (МФ) преку проектната единица МСИП реализира Проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор за што се обезбедени средства во вкупна вредност од 25 милиони евра со поддршка на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка. Со средствата во оваа фаза енергетски ефикасни ќе станат 18 здравствени објекти, како и објекти за кои 17 општини имаат поднесено 54 проекти. Намалување на потрошувачката на електрична енергија во јавниот сектор преку користење обновливи извори на енергија, како и формирање на Фонд за енергетска ефикасност се главните цели на овој проект. Од вкупната висина на заемот која изнесува 25 милиони евра, 5 милиони евра се предвидени за здравствени објекти и 10,5 милиони евра за проекти за општините. Во рамки на проектот 18 здравствени објекти веќе го имаат поминато првиот сеизмички скрининг и ќе станат енергетски ефикасни. Меѓу нив се универзитетски клиники и здравствени домови. На објавениот јавниот повик се пријавени вкупно 54 проекти од 17 локални самоуправи, од кои најголемиот дел се однесуваат на објекти на образовни институции, односно училишта. Станува збор за општините Могила, Кавадарци, Охрид, Лозово, Дебрца, Дојран, Валандово, Гостивар, Ресен, Кичево, Центар, Демир Капија, Пехчево, Струга, Ранковце, Кисела Вода и Градот Скопје. Финансиската поддршка за единиците на локална самоуправа изнесува 100 отсто од вредноста, при што 80  отсто од прифатената инвестиција се под-заем, додека 20 отсто се грант средства. Рокот за отплата е 7-12 години со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка која што е еднаква на каматната стапка на Република Северна Македонија кон Светска банка. Исто така, во рамки на Вториот МСИП проект, 36 општини обезбедија поволни финансиски средства за реализирање на своите капитални, инфраструктурни инвестиции. Потпишани се 37 договори за под-заем за реализација на 42 под-проекти, во вкупна вредност од 19,2 милиони евра. Од нив 24 општини целосно ги завршиле своите договори. Проектот овозможува финансирање на капитални општински проекти од типот на водоснабдување, канализација и одведување на отпадни води, енергетска ефикасност, модернизација и реконструкција на улици и патишта, набавка на возила за јавните комунални претпријатија, како и изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и сл. Реализацијата на овие проекти се очекува да придонесе кон одржлив развој и подобрување на условите за живот на целокупното население.вј/

Остани поврзан