• недела, 22 декември 2024

МФ: Конзистентноста во политиките, напорите за фискална консолидација и економски раст потврдени од „Стандард и Пурс“, задржан кредитниот рејтинг

МФ: Конзистентноста во политиките, напорите за фискална консолидација и економски раст потврдени од „Стандард и Пурс“, задржан кредитниот рејтинг

Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) – Нова потврда за конзистентноста на политиките на Владата за фискалната одржливост и перспективи за економски раст. Република Северна Македонија го задржа кредитниот рејтинг ББ-со стабилен изглед од Агенцијата „Стандар и Пурс“ и покрај неповолните надворешни влијанија. Агенцијата очекува забрзан економски раст, умерено ниво на јавен долг и фискална консолидација. Позитивно влијание се очекува од напредокот во ЕУ интеграцијата, соопшти Министерството за финансии.

Во најновиот извештај „Стандард и пурс“ очекува растот на БДП да забрза во 2024 година на 2,9 отсто (2 отсто во 2023) поттикнат од посилната лична потрошувачка, поддржана од реалниот раст на платите, тековните инфраструктурни проекти, вклучително Коридорите 8 и 10д, како и растот на извозот.  Според Агенцијата потенцијалите за раст во земјата ги неутрализираат неповолните влијание од случувањата кај главните трговски партнери, пред се Германија. Јавниот долг се нотира во Извештаот дека ќе остане на умерено  ниво и ќе се стабилизира на ниво од околу 53% од БДП  во периодот 2024-2027 година. Агенцијата оценува дека се преземени активности за соодветно управување и со каматните плаќања и дека тие се пониски во однос на многу други земји со сличен кредитен рејтинг.

Агенцијата посочува и на напорите за фискална консолидација. Со усвоениот Буџет за 2024 година буџетскиот дефицит кој е проектиран на 3,4 отсто покажува намалување во однос на дефицитот од 2023 година од 4,6 отсто од БДП. Агенцијата очекува тој тренд на буџетска консолидација да продолжи со фокусот на Владата врз економскиот раст и реализација на инфраструктурните проекти. Клучно за фискалната конслидација, според „Стандард и Пурс“ е строго придржување до правилата од новиот Закон за буџети.

-Членството во ЕУ го посочуваат како клучен фактор за долгорочен структурен и институционален развој, поддршка на економскиот раст и справување со емиграциските предизвици. Клучно е спроведувањето на структурните реформи, а меѓу ризик факторите е нотирано надворешното влијание, изборниот циклус и условите на финансиските пазари. Во однос на инфлацијата посочуваат на наглото забавување во декември 2023 година и очекуваат нејзино стабилизирање, се наведува во соопштението.

Од страна на „Стандард и пурс“, како што велат од Министерството за финансии, е посочена важноста на добиената потврда од ММФ за првиот преглед на ПЛЛ програмата и достапноста на средства од оваа Програма, како и до други извори на финансирање.

Политиките на земјата, покрај со потврдениот кредитен рејтинг од оваа Агенција, од почетокот на годината добија потврда и од ММФ и од Светска банка со новопотпишаната Рамка за партнерство.

-Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки, се наведува во соопштението од Министерството за финансии. дма/

Фото:Министерство за финансии

Остани поврзан