• понеделник, 25 ноември 2024

Муцунски на средба со Вархеји: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции

Муцунски на средба со Вархеји:  Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции

Скопје, 24 јјуни 2024 (МИА) - Новата влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции и во периодот што следи ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Ова го истакнал министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешната средба со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.

Муцунски на Фејсбук објави дека на средбата со Вархеји нагласил и дека политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина.

- На средбата разменивме мислења и за Планот за раст на ЕУ, оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство, наведува Муцункци, кој денеска во Луксембург учествуваше на средбата на шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ и на земјите од Западен Балкан што се одржа во рамки на европскиот Совет за надворешни работи (ФАК).

Вархеји, пак, на платформата Х напиша дека му честитал на Муцунски за неговото именување за министер за надворешни работи и оти на средбата разговарале „за важноста на Реформската агенда и следните чекори поврзани со фазата на отворање на пристапните преговори“.

Вархеји претходно денеска упати честитка и до премиерот Христијан Мицкоски и Владата по повод нивниот избор. 

- Честитки до премиерот Мицкоски и членовите на новата Влада! Со нетрпение очекувам да работиме брзо со Вас за да го унапредиме европскиот пат на Северна Македонија, наведе Вархеји во честитка објавена на Х. 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуснки, од Луксембург заминува за Брисел каде што утре ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а потоа ќе има средби и со високи претставници на Европската Унија. са/

Фото: ФБ на Тимчо Муцунски

Остани поврзан