• петок, 22 ноември 2024

Муцунски на министерска конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на Украина

Муцунски на министерска конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на Украина

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денеска учествува на Министерската конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на претседателот Зеленски од Украина, која се одржува во Монтреал, Канада. Конференцијата е организирана во ко-партнерство од министерствата за надворешни работи на Канада, Норвешка и Украина. Фокусот е ставен на третманот на политичките и воените заробеници, незаконски притворените цивили и присилно депортираните деца, информираат денеска од Министеството.

Во рамките на обраќањето на пленарната сесија која се одржала при отворањето на конференцијата, министерот Муцунски истакнал дека суштината на конференцијата допира не само до рамката на меѓународното хуманитарно право, туку и до суштината на, како што рекол, нашата заедничка човечност.

-Ние силно ја осудуваме агресивната војна на Русија против Украина, која досега предизвика непоправливи загуби на човечки животи и разурнување. Целосната инвазија на Украина од страна на Русија претставува напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и флагрантно прекршување на основните начела на меѓународното право и, пред сè, вредностите на човештвото, истакнал Муцунски во своето обраќање.

Тој потенцирал дека нашата држава силно ја осудува и континуираната повреда на меѓународното хуманитарно право и човековите права од страна на Русија во Украина, што, според него, истовремено претставува директно кршење на меѓународното право и Женевските конвенции.

-Сите прекршувања и злоупотреби на човековите права и на меѓународното хуманитарно право мора да бидат истражени, а сторителите изведени пред правдата, во согласност со меѓународното право, подвлекол министерот Муцунски во обраќањето.

Тој додал и дека почитувањето на демократските принципи, човековите права и достоинството, како и владеењето на правото, се единствените универзални вредности што треба да бидат почитувани од сите.

-Секој миг што го поминуваме во оваа просторија нè потсетува дека зад секоја статистика стои човечка приказна – дете разделено од семејството, мајка која го бара своето блиско, постаро лице принудено да го напушти својот дом, нагласил министерот Муцунски во обраќањето.

На крајот од својот говор, министерот Муцунски ја повторил поддршката за напорите на Украина да воспостави праведен и траен мир врз основа на клучните принципи и цели преку Формулата за мир на Украина. сст/са/

фото Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан