• петок, 05 декември 2025

Муцунски: Заедно со италијанскиот министер за надворешни работи Тајани ќе организираме многу важна дискусија за Коридорот 8

Муцунски: Заедно со италијанскиот министер за надворешни работи Тајани ќе организираме многу важна дискусија за Коридорот 8

Брисел, 3 декември 2025 (МИА) – На маргините на денешниот министерски состанок на НАТО ќе имаме многу важна дискусија за Коридорот 8, кој е од клучна политичка и безбедносна важност за подобрување на поврзаноста, но исто така и за стратешката воена мобилност, изјави утрово министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски при пристигнувањето на денешната средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата во Брисел.

- Јас и мојот италијански колега Антонио Тајани ќе бидеме кодомаќини на овој настан на кој се надевам дека ќе можеме да разговараме не само за Коридорот 8, туку и за Западниот Балкан каде што има многу големо влијание од страна на Русија, Кина, но и од други засегнати страни, истакна Муцунски.

Кога станува збор за министерскиот состанок, Муцунски нагласи дека на него ќе стане збор за имплементацијата на договореното на Самитот на НАТО во Хаг, за плановите за зајакнување на подготвеноста на Алијансата, како и за поддршката за Украина, во услови кога се гледа моментум и прозорец на можности за постигнување мир, на што како што рече целосно се посветени американскиот државен секретар Марко Рубио, претседателот на САД, Доналд Трамп и целиот негов тим.

- Го гледаме тој јасен прозорец на можности за постигнување ваков мир и секако ќе застанеме во поддршка на овој постоечки моментум, додаде Муцунски. сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан