Мустафа: РФМ одлично го организира Мундијалот
- Претседателот на Светската ракометна федерација (IHF) Хасан Мустафа упати пофални зборови за Ракометната федерација на Македонија која беше домаќин и организатор на 24. Светско јуниорско првенство во женска конкуренција.
Скопје, 1 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Светската ракометна федерација (IHF) Хасан Мустафа упати пофални зборови за Ракометната федерација на Македонија која беше домаќин и организатор на 24. Светско јуниорско првенство во женска конкуренција.
- Одлично поставените организациско-инфраструктурни капацитети, пријателскиот прием на ракометарките, тренерите и официјалните лица, како и верните ракометни навивачи, се пример за страстна ракометна нација, но и за способност да се испорача спортско доживување од светски калибар. Другарството и спортскиот дух, се најверодостоен доказ за инклузивниот дух на спортот што нé обединува сите нас“, истакна д-р Мустафа, потенцирајќи благодарност во свое лично и во име на IHF, до домаќините на уште едно успешно реализирано светско првенство.
Ракометната Федерација на Македонија за целите на организација на овој настан вклучи бројни човечки ресурси: 110 волонтери, 32 водичи на селекциите, 27 скаути, 7 одговорни лица на сали, 10 професоналци од РФМ, 10 офицери за допинг-контрола, 18 медиумски работници, технички лица за спроведување на натпреварите, лица задолжени за забавниот дел, како и лица задолжени во делот на техничка поддршка и опрема.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, упати посебна благодарност до Светската ракометна федерација, за полната доверба која оваа институција ја довери на Федерацијата за менаџирање на спортски настани од највисок организациски ранг.
- Би сакал да се заблагодарам на сите кои беа вклучени во овој проект: вредните волонтери, бројните спортски работници, тимот во Федерацијата, партнерите од доверба, медиумите, нашите поддржувачи - сите кои веруваа дека можеме да се износиме со уште еден ваков голем проект. Се надевам дека оваа заемна доверба, соработка и силното спортско партнерство, ќе продолжат да се надградуваат и во иднина, истакна Мукаетов.
На Мундијалот во Скопје шампионскиот трофеј го освои Франција која вчеравечер во финалето ја совлада Унгарија со 29:26. Во дуелот за 3. место, Холандија беше поуспешна од Данска со 34:28. зс/
Фото: РФМ