• вторник, 05 ноември 2024

Музичкото училиште “Ристо Јуруков“ од Кочани запишува ученици во новиот оддел за традициски инструменти

Музичкото училиште “Ристо Јуруков“ од Кочани запишува ученици во новиот оддел за традициски инструменти
Кочани, 12 мај 2022 (МИА) - Општинското основно музичко училиште „Ристо Јуруков“ од Кочани објави Конкурс за запишување нови ученици за учебната 2022/2023 година, во кој новина е Одделот за изучување традициски инструменти. Запишувањето на учениците за сите шест оддели ќе почне од понеделник и ќе трае до 8 јуни, а можат да се пријават деца кои во редовното образование ќе посетуваат прво, односно четврто одделение. - Со оглед на интересот и потребата од негување на народното музичко и културно богатство, наставната програма за претстојната учебна година е проширена со Одделот за традициски инструменти, односно со изучување на тапан, тамбура и кавал. Очекуваме тоа да биде дополнителен поттик да се пријават што поголем број заинтересирани. Во деветгодишното образование во нашето училиште запишуваме ученици од прво одделение кои ќе можат да одберат пијано или виолина, додека во шестгодишното образование има слободни места за ученици од четврто одделение, кои можат да изучуваат хармоника, флејта, гитара и традициски инструменти, истакна Марија Лазарова, директорка на ООМУ „Ристо Јуруков“. За реализација на образовната програма во одделот за традициски инструменти обезбеден е соодветен наставен кадар, како и инструменти за практична настава. Од кочанското музичко училиште го нагласија и успехот што учениците го постигнаа на третиот Меѓународен фестивал на млади музичари „Сергеј Михајлов“, што се одржа во Штип, а каде во натпреварувачкиот дел беа освоени осум први, пет втори и една трета награда. та/оџ/

Остани поврзан