• петок, 22 ноември 2024

Мтел Србија нов генерален спонзор на КК Работнички 

Мтел Србија нов генерален спонзор на КК Работнички 
Скопје, 8 октомври 2022 (МИА) – Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички најави враќање на шампионските патеки, откако договори стабилен финансиски партнер и потпиша денеска четиригодишен спонзорски договор со регионалниот телекомуникациски гигант Мтел Србија во вредност од 1.4 милиони евра Договорот меѓу Работнички и новиот генерален спонзор Мтел Србија го потпишаа попладнево во Скопје извршниот директор на скопскиот клуб Горан Веселиновски и извршниот директор на српската компанија Марко Лопичиќ, во присуство на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Работнички со 25 трофеи е најуспешниот македонски клуб, но финансиските проблеми влијаеја клубот измината деценија да освои само една шампионска титула (2018). Изразувајќи задоволство од договорената соработка со Мтел Србија, извршениот директор на Работнички најави дека пред клубот од Градскиот парк е подобра иднина и враќање на победничкиот бренд. - Изминатиот период имавме голема борба со проблемите, но сега не чека посветла иднина. Ние како спортски работници и спортисти треба да покажеме борба на терен и со макотрпна работа повторно да стане расадник на таленти и нови репрезентативци. Порано како по навика се знаеше дека Работнички секогаш ќе биде прв и сакам тоа чувство да го вратиме меѓу граѓаните, изјави Веселиновски. Нарекувајќи го Работнички „клуб со голема историја“, извршниот директор на Мтел Србија изрази надеж дека пред екипата е „блескава иднина“ - Ние како компанија од самиот почеток вложуваме во спортот и се надеваме дека ова спонзорство ќе им помогне на играчите и на стручниот штаб да работат во добри услови и да постигнуваат што подобри спортски резултати, изјави Лопичиќ. Премиерот Ковачевски во обраќањето на свеченоста во скопскиот хотел „Александар Палас“ истакна дека влезот на успешни компании во државата ќе придонесе и за развој на македонскиот спорт. - Со економски раст можеме да имаме и развој на спорт. Присуството на македонскиот пазар и влезот на една сериозна групација каква што е Мтел Србија тоа го потврдува. Се надевам дека со развојот на економијата, со влезот на компании каква што е Мтел и регионалната соработка која ја воспоставивме со Србија, Албанија и со други држави, ќе има што повеќе компании коишто ќе доаѓаат во нашата држава, бидејќи тоа е начинот за развој на државата и за развој на спортот, посочи Ковачевски. Премиерот најави дека поддршката на македонската кошарка ќе продолжи. - Јас, како и сите Македонци, ќе продолжам да навивам за Работнички, ќе продолжам да навивам и за МЗТ Скопје Аеродром, кој се натпреварува во регионалната АБА лига, а целта ние во Работнички да имаме уште еден тим во оваа регионална лига. И, секако, секогаш на срце ќе ми биде и мојот кошаркарски клуб Куманово, додаде македонскиот премиер. ег/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан